Европа се соочува со енергетски криза предизвикана од зголемените цени на големо за природен гас и електрична енергија, зголемувајќи ги сметките на граѓаните и принудувајќи некои производители да го прекинат производството.
Цените на електричната енергија на големо се на највисоко ниво на сите времиња, а рекордно големо поскапување има и цената на природниот гас, која е на највисоко нив во последните десетина години.
Наглите поскапувања на електричната енергија на берзите низ Европа веќе ги чувствуваат и македонските компании од индустријата, но и лиценцираните снабдувачи со електрична енергија. Неодамна и од Стопанската комора за енергетика повикаа на преземање итни мерки за да се спречи банкротот на компаниите за трговија со струја, но и ценовниот шок врз граѓаните и компаниите.
Причината е комплексен спој на повеќе фактори кои создаваат „совршена бура“ со повисока од очекуваната побарувачка и ниска понуда.
“Никогаш не сме виделе вакви цени “, вели Ира Џозеф, глобален директор за производство на горива и цени на електрична енергија во S&P Global. „Очекувавме некакво закрепнување по Ковид 19, бидејќи цените беа многу ниски минатата година, но ова е навистина екстремно“.
Глобалната побарувачка е зголемена бидејќи економиите се отворени од пандемијата на коронавирус, додека студениот бран што се случи во последниот дел од зимата оваа година ги намали залихите во складиштата низ Европа под нормалните нивоа.
Постојат и други фактори во игра. Посилната побарувачка за извоз на течен природен гас на поконкурентните азиски пазари ги пренасочи пратките од Европа.
Европа, исто така, доживеа невообичаено мирно време во последните недели, што доведе до помалку произведена енергија од ветер и создаде дополнителен притисок врз снабдувањето со гас, особено во Обединетото Кралство, каде што ветерот нормално обезбедува 20% од електричната енергија.
Од друга страна, снабдувањето е помало од вообичаеното, затоа што и руската компанија Газпром во моментов испорачува помалку гас преку гасоводите преку Украина до Европа. Некои експерти се сомневаат дека Кремлин намерно ги намалува испораките со цел да има преговарачки адут во рака за гасоводот Северен тек 2 во Балтичкото Море.
Зголемувањето на цените на природниот гас предизвикува голем пририсок низ Европа, каде што горивото се користи за греење и готвење, како и за производство на електрична енергија.
Водечка компанија за ѓубриво објави дека затвора две фабрики во Велика Британија поради високите цени на природниот гас. UK Steel изјави дека некои производители на челик морале периодично да го суспендираат работењето поради „изнудувачките“ високи цени на електричната енергија.
Владите на некои земји, вклучувајќи ги Шпанија, Италија, Франција и Грција, веќе преземаат мерки за намалување на сметките за струја на потрошувачите со цел да ги заштитат од ценовниот шок.
Аналитичарите велат дека енергетската состојба во Европа може допрва да се влоши како што се приближува зимата, кога побарувачката за гориво е обично најголема.
Зошто поскапуваат енергенсите?
Критичарите на агресивните климатски политики на Европската унија, меѓу кои и Полска, кои се зависни од фосилни горива, го обвинија Брисел за повисоките цени.
Индустриските компании и операторите на електрани во ЕУ мора да поседуваат таканаречени сертификати за емисија на јагледрод диоксид (СО2). Цените за овие сертификати се на зголемија на рекордно високо ниво.
Со години трошоците за нив беа под 10 евра за тон СО2, оваа година тие се зголемија до повеќе од 60 евра. Ова исто така го направи производството на енергија поскапо – особено од јаглен, кој емитува релативно голема количина на СО2.
Вториот важен фактор е порастот на цените на суровините. Енергетските компании треба да платат значително повеќе за горивата јаглен и гас, кои се користат за производство на електрична енергија. Тоа значи дека целото производство на енергија стана поинтензивно, што пак се рефлектира во цените на големо. Електричната енергија е најскапа на берзата од либерализацијата на енергетскиот сектор низ Европа.
Некои фабрики го намалуваат производството заради рекордното поскапување на енергенсите
Цената на јаглен, кој исто така се користи како ресурс во производството на електрична енергија е зголемена за повеќе од 100% од почетокот на годината и во моментов е на историско највисоко ниво од 195 долари за тон.