Кондиторската компанија  Европа објави дека во првиот квартал од 2023 година се соочила со многу предизвици заради поскапувањето на енергенсите и суровините кои ги зголемиле трошоците и значително ја намалиле профитабилноста.

Извештајот објавен на Македонската берза покажува дека Европа првите три месеци годинава ги завршила со приходи од продажба од 3,4 милиони евра, кои се за 4% поголеми од истиот период лани. Но, количински, продажбата на Европа лани се намалила за 13,6%.

Околу две третини од приходите од продажба Европа во првото тримесечие ги остварила на странските пазари. Тие бележат пад од 3%, достигнувајќи 1,96 милиони евра. Приходите од продажба на домашниот пазар, пак, се зголемени за 16% и изнесувале 1,4 милиони евра.

Вкупните расходите се зголемени за 9,9% во однос на минатата година. Оперативните расходи во периодот 01.01-31.03.2023 година се зголемени за 9,8 %, а финансиските расходи се зголемени за 60,1 % во однос на 2022 година.

Нето добивката на компанијата Европа во првиот квартал е помала за дури 68,5% во споредба со истиот период лани, достигнувајќи 101 илјада евра.

Намалувањето на добивката за првиот квартал од 2023 година се должи на енормното зголемување на цените на енергенсите, суровините и амбалажата, како главни производни инпути и потешкотиите за нивно следење, со цел да се постигне конкуретна цена на нашите производи на пазарот. Тие имаа директно влијание на количинскиот пад на продажбата за 13,6% заради намалените нарачки од нашите купувачи, а тоа, пак, негативно се одрази и на падот на производството за 12,6%”, објаснуваат од компанијата Европа.

Растот на инфлацијата, додаваат од Европа, наметна потреба од зголемување и на бруто платите за вработените за 15% кои исто така имаат влијание на порастот на вкупните оперативни расходи. “Новите законски измени за минималната плата, со примена од 01.03.2023 година, исто така дополнително го зголемија трошокот за бруто плата”.

И покрај сите турбулентни потешкотии во изминатиот период од компанијата Европа додаваат дека со успешно менаџирање со продажбата, преку зголемување на продажните цени и намалување на останатите индиректни трошоци успеале да се одржат на пазарот и да остварат позитивен финансиски резултат,  но со осeтно намалување од 68,5% во однос на истиот период од 2022 година.