Европјаните купуваат електрични возила со рекордно темпо заради што Европа ја престигна Кина како најголем пазар на електрични возила во светот, бидејќи потрошувачите се охрабрени од владините субвенции и десетици нови автомобили и хибриди.

Уделот на Европа во глобалната продажба на нови електрични автомобили скоро двојно се зголеми на 43% минатата година, додека Кина и САД го намалија уделот на пазарот, пишува Wall Street Journal.

Но, растот на продажбите во Европа во голема мера се потпира на владините стимулации дадени во текот на пандемијата, а аналитичарите предупредуваат дека интензитетот може да се промени ако и кога ќе се повлече таа поддршка.
Повеќето владини субвенции за електрични возила се ограничени во обем и треба да истечат до крајот на оваа година.

„Пазарот е исклучително чувствителен на попустите на владата и компаниите“, рече Арндт Елингхорст, авто-аналитичар во „Бернштајн Рисрч“. „Откако ќе бидат прекинати субвенциите, продажбата на електрични возила ќе падне за 30-40% барем за еден или два квартали.“

Без субвенциите, електричните возила се уште се значително поскапи од возилата со мотор на согорување.
Ова, најверојатно, нема да се промени до крајот на оваа деценија, велат аналитичарите, и покрај тоа што цените на батериите почнуваат да се намалуваат поради новата технологија, поголемиот обем и конкуренцијата.

Кога се појави пандемијата, владите кои сакаа да го ублажат економскиот шок започнаа насочени кон помошта за индустриите од првата линија на битката со климатските промени. Голем дел од оваа помош се насочи кон поттикнување на потрошувачите да купуваат електрични возила, создавајќи поголема побарувачка.

Потезите ја сменија перцепцијата кај лидерите во индустријата дека нема пазар за да се оправдаат огромните инвестиции потребни за производство на електрични автомобили.

Производителите на автомобили сериозно започнаа со лансирање нови модели минатата година. Volkswagen AG, најголемиот производител на автомобили во Европа, ги претстави своите модели ID.3 и ID.4. Производителите на премиум автомобили, како што се BMW AG, Mercedes и Audi, лансираа автомобили од високата класа. Оваа година Мерцедес треба да го лансира EQS, кој ќе биде електричен и високо автоматизиран наследник на предводникот на S-Class.

Околу 65 нови модели на електрични автомобили во Европа минатата година – двојно повеќе отколку во Кина – и уште 99 се очекува да излезат на пазарот оваа година. Тоа се споредува со 15 лансирања во Северна Америка минатата година и планирани 64 годинава.

Последните податоци покажуваат дека Норвешка е најголем пазар на електрични автомобили по глава на жител.

Состојбата на европскиот пазар потсетува на траекторијата на електрични возила во Кина пред неколку години. Решен да ги прескокне западните пазари, Пекинг обезбеди големи субвенции за купување на електрични возила со што се зголеми учеството на електрични возила на повеќе од 8% од продажбата на нови автомобили до средината на 2019 година. Потоа, Пекинг ги намали стимулациите во јуни 2019 година и продажбата падна, со тоа што уделот на електрични автомобили падна под 5% до крајот на годината.
Кога се појави пандемијата, продажбата на електрични возила во Кина дополнително падна, предизвикувајќи сомнежи во можноста на Пекинг да ја постигне својата цел да има 20% од продажбата на нови автомобили до 2025 година.