Европската комисија ја разгледува можноста да воведе дополнителен данок на пристап до единствениот европски пазар за над 70.000 компании. Со воведувањето на овој данок би можеле да се соберат до 10 милијарди евра кои би биле искористени за финансирање на програмата за спасување на блокот од 750 милијарди евра.
Ова го изјави комесарот на ЕУ за буџет Јоханес Хан во интервју за „Фајненшал тајмс“.
Според него, нема друга алтернатива освен Европската комисија да добие нов извор на директни приходи за да може да го сервисира долгот, што ќе се создаде во рамките на планот за спасување објавен минатата недела.
Ова може да вклучува можен нов данок од 10 милијарди евра годишно, кој според Хан ќе опфати 70.000 компании во Европа со промет од над 750 милиони евра.
„Она за што се надеваме – најдоцна до крајот на 2027 година – е да имаме функционален, постојан проток на нови сопствени средства за нашиот буџет“, рече комесарот.
Доколку не се најдат овие нови приходи, опциите кои остануваат би биле политички неприфатливо намалување на трошоците или поголеми придонеси од земјите-членки, објасни тој.
„Не гледам други реални алтернативи“, рече тој.
Воведувањето на нов данок ќе го направи европскиот буџет помалку зависен од придонесите на земјите-членки, кои сочинуваат поголем дел од приходите на блокот.
Но, новиот план би можел да се соочи со политички пречки, според „Фајненшал тајмс“. Евентуалното усвојување на ваков нов европски данок ќе бара одобрување од сите 27 земји-членки, како и одЕвропскиот парламент.
Данокот на големите компании, кој сè уште е во многу рана фаза на дискусиите на ЕК, може да биде во форма на еднократна исплата за пристап до единствениот пазар на блокот. Износот на овој данок ќе биде одреден според големината на компанијата, вели Хан.
Другите опции кои се разгледуваат од страна на Европската комисија се промени во данокот на јаглерод, приходите од проширување на шемата за тргување со емисии и данок на дигиталните компании.
Во интервјуто, комесарот ги отфрли обвинувањата од некои критичари дека новиот данок и плановите на заеднички долг се скок за ЕУ кон полноправна фискална унија.
„Она што го правиме е целосно ограничено со време, ние не воведуваме ништо преку задната врата“, рече тој.
“Големината е она што може да ги загрижи некои луѓе, но ние не финансираме стар долг, не даваме буџетска поддршка, собираме пари на пазарот на капитал за да инвестираме во закрепнување и одржливост на нашите земји и компании. Ова треба да се смета како еден вид инвестиција “, додаде тој.
Тој додаде и дека распределбата на средствата ќе биде придружена со реформи во одделни земји-членки, што ќе ги направи помалку зависни од другите земји во случај на идни кризи.
„Нема да биде одржлив (планот) ако една земја секогаш сака поддршка затоа што не може да го финансира сопственото закрепнување. Ова е предупредувачки сигнал за некои земји“, додаде Хан.