Европската Комисија ќе предложи фонд од 750 милијарди евра за економска обнова на Европската унија, чија економија се соочува со најголема досега рецесија.
Од овие средства, 500 милијарди ќе бидат префрлени на земјите членки како неповратни грантови, а 250 милијарди евра ќе бидат достапни во форма на заем, објавува Bloomberg.

За да ги oбезбеди овие средства ЕУ ќе се позајми 750 милијарди евра од финансиските пазари.
Според предлогот, Италија би добила 81,8 милијарди евра, Шпанија 77,3 милијарди евра, Грција 22,5 милијарди евра и Франција 39 милијарди евра.

Покрај овој долгоочекуван план за финансиска поддршка, Европската комисија ќе ја презентира драфт верзијата на буџетот не ЕУ за периодот 2021-2027 година, чија големина ќе надминува 1 трилион евра.

Со парите во голема мерка би се финансирале инвестициите и реформите, додека некои фондови исто така ќе бидат наменети за значително подобрување на здравствената заштита и за најсиромашните региони на ЕУ.

Се планира исто така ЕУ да понуди гаранции од буџетот со цел да ги поттикне  приватните инвестиции преку привремена капитална поддршка на добрите компании или повеќе капитал за сектори со стратешко значење, како што се критична инфраструктура, технологија и здравствена заштита.

За да заживее планот ќе биде потребна поддршка од сите 27 членки на ЕУ, што може да биде проблематично ако се знае дека поделбата на финансискиот товар веќе долго време е едно од најжестоките проблеми што ги спречува подлабоките интеграции.

Предлогот на комисијата следува по заедничкиот предлог на Франција и Германија на почетокот од овој месец, во кој се бараше ЕУ да позајми 500 милијарди евра што потоа би можеле да бидат распределени како грантови.

Давањето помош преку грантови, наместо заеми, е клучно барање од страна на тешко погодените земји од ЕУ, како што се Италија и Шпанија, каде зголеменото задолжување за финансирање на закрепнувањето може брзо да го зголеми долгот кон неодржливо ниво.

Но, дури и со благословот на Германија, планот може да се соочи со пречки од построгите и поштедливите членки на ЕУ, како и од помалите источно европски држави. По предлогот на Париз и Берлин, Австрија, Данска, Холандија и Шведска објавија свои планови кои предлагаат наместо грантови, на погодените земји да им се даваат заеми.