Европската централна банка денеска донесе одлука да ја зголеми ликвидноста и да понуди евтини заеми на банките за да помогне во олеснување на сериозните последици од епидемијата на коронавирус, фокусирајќи се на малите и средни претпријатија.
ЕЦБ објави дека ќе откупи хартии од вредност од дополнителни 120 милијарди евра до крајот на годината за да обезбеди поддршка за поволните услови за финансирање на реалната економија во време на зголемена неизвесност.
Тие исто така планираат да воведат дополнителни поволни заеми на банките, како дел од долгорочните операции на рефинансирање (LTRO). Каматните стапки ќе бидат идентични со просечните каматни стапки на депозитите, од минус 0,5%.
„Иако Управниот совет не забележува значајни индикации за тензии на пазарот на пари, ниту недостаток на ликвидност во банкарскиот систем, операциите ќе обезбедат ефективна поддршка доколку тоа биде потребно“, информираат од ЕЦБ.
Овие заеми ќе бидат достапни на банките за да обезбедат ликвидност до јуни, по што би можеле каматните стапки да се спуштат и до минус 0,75%.
„Операциите ќе го поддржат кредитирањето од страна на банките на оние кои се најтешко погодени од ширењето на корона вирусот, особено малите и средни претпријатија“, се вели во извештајот на ЕЦБ.
За да го охрабри креитирањето, ЕЦБ исто така има намера да го зголеми максималниот износ што банките можат да го позајмат.
Шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард рече дека ЕЦБ ги намалила проценките за раст на еврозоната за оваа и следната година заради продлабочената криза со корона вирусот.
“Ширењето на корона вирусот е голем шок за изгледите за раст на глобалната економија и еврозоната. Дури и ако е од привремена природа, тоа ќе има значително влијание врз економската активност”, предупреди Лагард.
ЕЦБ сега очекува економијата во еврозоната да порасне 0,8% оваа година, намалувајќи ја претходната прогноза од минатиот декември за 0,3 процентни поени.
Новите проекции предвидуваат многу слаб раст на активноста во првата половина на оваа година, по што треба да забрза. Се очекува економијата во еврозоната да порасне за 1,3% во 2021 година. Но, Лагард забележува дека најновите проекции се делумно застарени, бидејќи тие се направени пред почетокот на кризата со вируси.