Кина ги надмина САД и стана најголем трговски партнер на Европската Унија

Пандемијата со Ковид 19 предизвика големи пореметувања во глобалната трговија. Податоците на Еуростат покажуваат дека европските компании претрпеле загуби во продажбите во странство, но исто така се намалил и увозот.

Во текот на изминатата 2020 година земјите членки на ЕУ оствариле вкупен извоз од 2.131 милијарди евра, што во споредба со 2019 година е намалување за 9,2%, покажуваат најновите податоци на Еуростат.
Податоците покажуваат дека Кина минатата година ги надмина САД и стана најголем трговски партнер на ЕУ. Иако трговијата со САД забележа пад за време на пандемијата, САд и понатаму остануваат најголем извозен пазар за европските компании.

Всушност, извозот и увозот на европските компании лани бележат раст само со Кина. Така на пример извозот на ЕУ во Кина лани изнесувал 202 милијарди евра и е зголемен за 2,2%, додека увозот од Кина иснезувал 383,5 милијарди евра и бил поголем за 5,6% во споредба со 2019 година.

Во истиот период европскиот извоз во САД лани изнесувал 353 милијарди евра и бележи пад за 8,2%, додека увозот од САД се намалил за 13,2%, на 202 милијарди евра.

Најголем извозник во ЕУ минатата година била Германија со извоз од 1.207 милијарди евра, што е повеќе од половина од вкупниот извоз на ЕУ. Односно, Германија самата извезува повеќе отколку што извезуваат сите останати 27 земји членки на ЕУ.

Иако извозот на Германија минатата година беше силно погоден од пандемијата со Ковид 19 и забележа пад од 9%, Германија веќе три децении е на врвот на европските извозници. На светско ниво, Германија е трет најголем извозник, после Кина и САД.

Втор најголем извозник во ЕУ во 2020 година е Холандија , чиј извоз лани се намали за 7%, на 590 милијарди евра.
Следи Италија со извоз од 433,5 милијарди евра, кој лани се намали за 10%. Четврт најголем извозник е Франција, која минатата 2020 година имаше пад на извозот од 16%, на 427 милијарди евра.

Петти најголем извозник во ЕУ е Полска, чиј извоз лани се намали за 1%, на 236 милијарди.

Најголем пад на извозот европските компании бележа во секторот енергетика, односно нафтени деривати, додека извозот на храна бележи раст за време на пандемијата.