Креаторите на политиките низ целиот свет деновиве преземаат широк спектар на мерки и политики да се справат со економските последици и штети од коронавирусот, почнувајќи од итни намалувања на каматните стапки и големи пакети за финансиски стимулации, па се до заземање став на чекање и ветувања за акција доколку е потребно.
Македонија засега нема објавено посебни мерки за покривање на штетите кои ги трпат компаниите од ширењето на коронавирусот низ светот, но министерот за здрватсво Венко Филипче денеска изјави дека заедно со межународните институции будно се следи ситуација и доколку има потреба ќе се излезе со дополнителни еконмски мерки.
Ројтерс објави список на мерки кои ги преземаа некои од најголемите светски економии за да ги олеснат првичните штети од корона вирусот или т.н. Ковид 19.
Во продолжение се дел од нив:
САД
Претседателот Доналд Трамп потпиша предлог-закон за трошење на итни случаи од 8,3 милијарди долари за борба против ширењето на вирусот и развој на вакцини.
Федералните резерви на САД пред неколку дена ги намалија каматните стапки за половина процентен поен, што е прв ваков итен потег од екот на финансиската криза во 2008 година. Инвеститорите очекуваат поголеми намалувања во наредните недели.
КИНА
Кина соопшти дека одвои 110,5 милијарди јуани (15,9 милијарди долари) за борба
против епидемијата. Пекинг ја засили поддршката за финансирање за регионите погодени од вируси и Централната банка на земјата намали неколку од нејзините клучни каматни стапки, вклучувајќи ја и основната каматна стапка и ги повика банките да даваат ефтини заеми и олеснување за плаќање на изложените компании.
Кина ќе го измени надзорот врз стандардите за животната средина на компаниите за да помогне во продолжувањето на производството нарушено од епидемијата на коронавирус, давајќи им на фирмите повеќе време да ги решат проблемите со животната средина.
ЈАПОНИЈА
Јапонија објави втор пакет мерки во вредност од околу 4 милијарди долари за трошење за да се справи со негативните ефекти од појавата на коронавирусот, фокусирајќи се на поддршката на малите и средни фирми.
Централната банка на Јапонија вети дека ќе вбризга поголема ликвидност на пазарите и дека ќе преземе мерки за да се обезбеди компаниите погодени од појава на коронавирус да не се соочат со недостиг на финансиски средства.
ЕВРОПСКА ЦЕНТРАЛНА БАНКА
Европската централна банка (ЕЦБ) досега не направи намалување на каматните стапки. Креаторите на политики одржаа итна средба на 3 март, на која се разговарало за оперативните одговори на коронавирусот, како на пример дали да се одржат настани и како да се надмине недостатокот на персонал, а не и за преземање на други мерки како одговор на епидемијата со корона вируст.
ЕЦБ ги замолила банките во еврозоната да ги разгледаат плановите за деловен континуитет и дејствијата што можат да ги преземат за да се подготват и да ги минимизираат потенцијалните негативни ефекти на коронавирусот.
Урсула фон дер Лејен изјави дека Европската комисија ќе формира заеднички фонд тежок 25 милијарди евра од постојните ресурси за да го ублажи ударот на ранливите сектори на економиите од еврозоната.
ГЕРМАНИЈА
Германските власти се согласија да ги зголеми јавните инвестиции за 12,4 милијарди евра до 2024 година и да им олеснат на компаниите да бараат субвенции за поддршка на работниците со намалено работно време за да се спротивстават на ефектите од епидемијата на коронавирус.
Конзервативците на канцеларката Ангела Меркел се поделени околу тоа дали Германија треба да избрзува со фискален стимулативен пакет за да се спротивстави на какво било влијание на коронавирусот врз најголемата економија во Европа.
Буџетските експерти проценуваат дека владата има фискален простор за дополнителни мерки во вредност од најмалку 17 милијарди евра. Некои официјални претставници велат дека Берлин дури би можел да состави стимулативен пакет вреден до 50 милијарди евра, без да ја наруши политиката на владата за нов долг.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Велика Британија денеска објави пакет финасиски стимулации од 30 милијарди фунти, само неколку часа откако Банката на Англија ги намали каматните стапки, со цел да се одбегне ризикот од рецесија како последица од негативните ефекти од коронавирусот.
Банката на Англија ги намали каматните стапки за половина процентен поен и им понуди на банките поевтино финансирање и ги намали капиталните бафери со цел да се зајакне капацитетот на економијата на Велика Британија да се справи со последиците и штетите предизвикани од појава на коронавирус.
ФРАНЦИЈА
Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мари изјави дека Европа треба да биде подготвена да користи фискални стимулации за да се справи со влијанието на коронавирусот.
Владата им дозволува на компаниите да ги прекинат плаќањата на некои социјални давачки и даноци и ги активираат државните субвенционирани програми за краткорочни работни ангажмани. Тој нареди на државната инвестициска банка Bpifrance да гарантира заеми потребни за да се надминат краткорочните проблеми со ликвидноста.
Париз исто така им дозволи на компаниите да прогласат виша сила доколку не можат да испочитуваат договор со јавниот сектор, а се врши притисок и врз големите компании да покажат слична попустливост со подизведувачите.
ИНДИЈА
Централната банка на Индија (РБИ) планира да внесе свежа ликвидност на готовина во системот преку втор круг на долгорочни репо-операции (ЛТРО), изјавија владини претставници за Ројтерс, во услови на стравувања дека појавата на коронавирус ќе го наруши секое заживување на економскиот раст.
Централната банка на Индија може да инјектира дури 1 трилион рупии (13,6 милијарди долари) уште во април и потврди дека е подготвена да дејствува за одржување на довербата на пазарот и зачувување на финансиската стабилност.
Во меѓувреме, владата врши притисок врз државните банки да одобрат нови заеми во износ од 500-600 милијарди рупии до крајот на март.
ИТАЛИЈА
Италија објави дека планира да ја зголеми сумата што планира да ја потроши за справување со ефектите од појавата на епидемијата со корона вирус на 25 милијарди евра и потврди дека го зголемува дефицитот во буџетот на 2,5% од сегашните 2,2%.
Плаќањата за хипотекарни кредити, режиски трошоци и некои социјални давачки ќе бидат суспендирани низ цела Италија, а банкарското здружение соопшти дека ќе им понудат мораториуми на враќањето на долговите на малите фирми и домаќинства кои се борат со економските штети од вирусот.
КАНАДА
Министерот за финансии на Канада најави дека се разгледуваат мерки и иницијативи за справуавње со последиците од корона вирусот и големиот пад на цената на нафтата, кој се очекува да го погоди тешко четвртиот по големина светски производител на нафта.
Банката на Канада ја намали основната каматна стапка на 1,25% од 1,75% како одговор на епидемијата, а има шанса и за уште едно намалување следниот месец.
Последниот пат кога основната каматна стапка се намали за воккав износ беше во 2009 година за време на финансиската криза.
ЈУЖНА КОРЕЈА
Владата неодамна објави стимулативен пакет од 9,8 милијарди долари за да го ублажи негативното влијание на коронавирусот врз економијата.
Министерот за финансии соопшти дека со ребалансот на буџетот ќе се пренасочат повеќе пари до здравствениот систем, а владата ќе издаде поголема сума на обврзници за да го финансира поголемите трошења.
Сеул, исто така, драматично ги заостри правилата за краткорочни продажби до три месеци.