На вчерашната седница Владата го именуваше Дејан Павлески за в.д. директор на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот. На истата седница разрешен е Арбен Виља, кој како кадар на ДУИ раководеше во изминатата една и пол година со оваа владина Агенција.

Во владиното соопштение се потенцира дека Павлески е дипломиран инженер по електротехника. Тој на оваа функција доаѓа од местото заменик министер во Министерството за локална самоуправа.

Дејан Павлески до неодамна беше заменик-министер во Министерството за локална самоуправа

На вчерашната владина седница беа донесени повеќе одлуки за именување директори, в.д. директори и членови на Управни одбори на повеќе јавни претпријатија, акционерски друштва и владини агенции.

“На овие одлуки им претходеше исцрпен процес на интервјуа и разговори за да се идентификуваат и прифатат соодветни кадровски предлози кои ќе ги исполнат критериумите и обврските што произлегуваат од усвоена владина програма, и кои се пред сѐ стручни и компетентни во областите за кои се именуваат”, информираат од Владата, од каде потенцираат дека за сите позиции за кои се назначени в.д. директори ќе следат огласи со цел избор на директори со целосен мандат.

Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот или Invest North Macedonia е официјална владина агенција која со посебен закон е основана во 2005 година со обезбедување зголемен прилив на странски директни инвестиции и промоција на извозот во фнкција на поттикнување на економскиот раст и развој на македонската економија.

Покрај директорот, со Агенцијата управува и заменик директор, како и посебен Управен одбор во кој членуваат седум лица, кои исто така ги назначува Владата.

Според законската поставеност, средствата потребни за функционирање на оваа Агенција се обезбедуваат од Буџетот.

Првичниот Буџет за 2020 година предвидува Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот годинава да има на располагање буџет од 940 илјади евра, од кои половина ќе се потрошат за плати и надоместоци за вработените.

Според последниот Регистар на вработени во јавниот сектор во оваа владина Агенција има 52 вработени.