АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во светоти Македонско-Германското стопанско здружение веќе 21 година го спроведуваат истражувањето за оценка на деловната клима во Северна Македонија. Со оваа анкета, германските инвеститори и компаниите членки на Македонско-Германското стопанско здружение ги оценуваат условите за инвестирање во Северна Македонија.
Од добиените резултати може да се стекнат сознанија како германските инвеститори ја оценуваат атрактивноста на Северна Македонија во однос на условите за инвестирање во споредба со земјите од Југоисточна Европа.
Условите на пазарот на трудот, особено во однос на достапноста на квалификуваниа работна сила и понатаму остануваат еден од најголемите предизвици за компаниите. Во однос на оценката на квалитетот кој го нуди Северна Македонија како локацијата за инвестирање, освен мали промени, немаше поголеми изненадувања.
Показателите за инвестиции на компаниите и нови работни места остануваат стабилни, 49% од анкетираните компании ја оцениле моменталната економска состојба во Северна Македонија како добра или задоволна.
Споредбено со претходната година, 6% од анкетираните компании ги оценуваат економските перспективи за 2024 година како добри, 57% ги оценуваат како задоволителни, а 37% ги оценуваат како полоши.
Во споредба со истражувањето од претходната година, дури 10% повеќе од анкетираните компании ги оценуваат економските изгледи како добри и задоволителни. Ова оценка важи како тренд за целата Источна Европа.
И покрај континуираната тензија која се чувствува во стопанството во Европа, анкетираните компании во Северна Македонија се оптимисти кога ја оценуваат актуелната деловна состојба на сопствената компанија. 33% од нив ја оценуваат својата состојба како добра, 50% се задоволни, а само 17% очекуваат влошување на деловната состојба во сопствената компанија.
Во однос на процената на тековната 2024 година, 23% очекуваат раст во бизнисот, додека 17% очекуваат дека ќе има влошување. Во однос на планираните инвестиции 30% од испитаниците одговориле дека сакаат да ги зголемат своите капитални инвестиции, 33% рекле дека ќе останат на истото ниво во однос на инвестициите, а 37% рекле дека ќе ги намалат трошоците за инвестиции. Генерално, ова е показател дека ќе има забавување во однос на инвестициите кај анкетираните компании во споредба со динамиката од претходните години.
Одлучувачки фактор е зголемениот недостиг од квалификувани работници во земјава, особено кога се во прашање големи инвестиции.
И покрај предизвикот со стручни кадри и понатаму продолжуваат да се реализираат нови инвестиции.
Северна Македонија останува и понатаму привлечна за германските инвеститори, дури 69% од анкетираните компании повторно би инвестирале во земјата.
Најголеми предизвици
Темата недостиг на стручни кадри станува сè поважна не само за Северна Македонија, туку и за целиот европски регион.
70% од германските инвеститори во земјата го идентификува ова прашање како еден од најризичните фактори. Недостигот од квалификувана работна сила директно влијае на тековното производство, ги приморува компаниите да одбијат нарачки, но и да ги намалат веќе испланираните инвестиции.
57% од анкетираните компании одговориле дека трошоците за персонал се фактор кој го сметаат за ризичен. 47% од нив сметаат дека политиката во однос на економскиот развој е третиот ризичен фактор за градење успешен бизнис во Северна Македонијa.
Оценка на квалитетот на Северна Македонија како локација за инвестирање
Ова истражување истовремено се спроведува од страна на германските комори и во 15 други земји од регионот на Централна и Источна Европа.
На анкетата одговориле вкупно 1.500 учесници од сите 15 земји.Анализата на добиените одговори посочува дека во многу области разликите меѓу поединечните земји се мали. Северна Македонија обично е рангирана на средината, но во одредени области има и исклучоци. Позитивните оценки се однесуваат на одличните можности за вмрежување, квалитетот и достапноста на локалните добавувачи, снабдувањето со енергија, продуктивноста и мотивацијата на вработените, даночниот систем. Сепак, Северна Македонија е оценета под просекот во области како што се борбата против корупцијата, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација.
„Северна Македонија и Германија во 2023 година имаа трговска размена во висина од 5,13 милијарди евра. Тоа е зголемување од речиси 7% во споредба со 2022 година.
Во 2023 година, голем број на мали и средни компании исто така инвестираа во Северна Македонија.
Сепак, за зголемениот раст на инвестициите првенствено се одговорни реинвестициите. На наша голема радост информираме дека речиси сите германски инвеститори реинвестирале во земјата. Германија не е само најголемиот трговски партнер на земјата, германските инвеститори вработуваат повеќе од 20.000 луѓе и се едни од најценетите работодавци“ – нагласи Антје Ванделт.