Заев: Недостасуваат околу 60% од приходите во буџетот, треба да бидеме сите свесни дека ќе мора да има големи кратења на многу трошоци во државата

Зоран Заев, претседателот на СДСМ во денешното интервјуто за „Утрински брифинг“ одговараше на бројните критики во јавноста кои ги предизвика со пакетот економски мерки кој го предложи пред неколку дена. Тој порашува дека сите треба да бидеме свесни дека ќе мора да се кратат многу трошоци во државата ако сакаме да ја надминеме кризата поради коронавирусот, која создала огромен недостаток на приходи во буџетот.

За да илустрира колку кратења се потребни за да се извадиме од кризата Заев ја објасни состојбата со буџетот на државата.

“Приходите на државата паднаа драстично. Се очекува почетокот на април да бидат меѓу 30-40%, што значи дека ќе фалат околу 60% од приходите. Граѓаните се дома и не трошат, не работат објектите, транспортот е преполовен, не се движиме, не се плаќаат ниту сметки. Голем дел на производствените капацитети се затворени или хибернираат, затоа не се плаќа и данок кон државата. И ако за тоа не го подготвиме нашиот народ, тогаш сме голи популисти и само бркаме политички поени. Кратењето мора да се случува од секаде затоа што 60 % немање приход во буџетот значи недостаток да ги финансираме сите расходи. И да најдеме други пари, пак мора да кратиме од дома. И да се шири гол популизам не е во ред. Треба чесно да кажеме дека мора да кратиме. Колку побрзо носиме храбри одлуки за солидарност, толку побрзо ќе излеземе од тешката економска криза, изјави Заев.

Заев вели дека се надева оти како држава ќе најдеме евтини пари, но сепак ќе бидат потребни големи кратења на трошоците дома

-Ни фали милијарда евра за да ги покриеме штетите. Баравме милијарда и 200 милиони евра, а најдовме само 600 милиони. Големите држави ги зедоа парите и сега нема ефтини кредити.Затоа треба да кратиме од трошоците. Колку побрзо ги скратиме непродуктивните трошоци толку побрзо ќе излеземе од тешката криза. Се надевам дека ќе бидеме мудри и храбри зошто, не дај боже  да треба да кратиме од здравствените трошоци. Тоа ќе значи дека нема да се лечиме. Треба да функционира и полицијата, војската, порача Заев.

Како што вели тој, мерките кои СДСМ ги предлага до Владата можеби не им се допаѓаат на сите, но државата би влегла во сериозна криза доколку дојде до тоа да крати здравствени трошоци, односно ако Фондот не може да плати на болниците и аптеките.

-Ако не направиме рационализација внатре нема да ни биде лесно и тоа ќе трае подолго. Најбогатите треба да го понесат најголемиот товар, затоа кратењето е таму најголемо. Предложено е во време кога најмалку три месеци ќе бидат одложени наплатите на кредитите, работата на извршителите… А компаниите кои профитираа во минатото сега ќе треба да го понесат најголемиот товар. Очекувам богатите да си ги авансираат своите давачки кон државата, да бркнат во џебот и да постапат солидарно. Кога ќе ги враќаме кредитите, секако дека побогатите и посилните ќе плаќаат повеќе. Тие што отпуштиле работници нема да добијат поддршка од државата. Мора да го сочуваме секое работно место, потенцираше лидерот на СДСМ.

Според него, погрешно е што неговата изјава за платите во администрацијата била извадена од контекст, а мерките кои неодамна ги предложил доаѓаат од СДСМ до Владата и не значи дека Владата ќе ги прифати сите.

-Таа треба да ги слушне мерките од сите партии и од експертите. Излегов да соопштам мерки кои значат и мерки за штедење. Владата веќе неколку дена дискутира. Верувам дека нема се да биде прифатено. Ние работевме со многу експерти за да можеме да ги предложиме овие мерки, но Владата е таа која што ќе донесе одлуки. Популистите и оние кои бркаат политички поени ги отфрлаат овие мерки. Но некој треба да води грижа за државата. И ние се бориме на пазарот на гласови, да го заслужиме нивниот глас, но кога доаѓа тешко време некој треба да ги соопшти и тие непопуларни мерки. Жалам што дебатата се насочи кон намалувањето на платите на администрацијата. Главниот пакет беше како да и се помогне на економијата. Самиот пакет мерки се заснова на кратењето на непродуктивните трошоци на Владата. Првиот чекор е кратењето на непродуктивните трошења, вториот е заштеда преку огромните трошоци кои одат на плата. Верувам дека ако ваквите солидарни мерки се прифатат, поспремно ќе се справиме со кризата, вели Заев.