Народната банка на С.Македонија неодамна објави анализа во која се испитуваат одговорите на Македонија и земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа на се поголемите промени во глобалното окружување и предизвиците кои ги носат глобализираната трговија и финансиски системи.
Во Истражувањето се анализира сѐ поголемото значење на глобалните синџири на производство помеѓу земјите од овие региони и Германија. Посебно внимание е посветено на македонската економија и видливите промени во трговската и производната структура, предизвикани од сѐ поголемата интеграција во глобалните синџири на производство во изминатата декада.
Во Извештајот се потенцира дека за да се максимизираат придобивките од зголемената интеграција во глобалните ланци на снабдување треба да се создадат посилни врски со локалната економија.
Главната причина за малата поврзаност на странските извозно ориентирани капацитети со локалната економија е неможноста на домашните мали и средни компании да ги исполнат техничките и безбедносните стандарди и барања на ЕУ, поради тоа што постојат големи разлики во технолошките нивоа на домашните и странските фирми.
“Понатамошна диверзификација на извозот може да се постигне преку посилен фокус на извозот на услуги, особено телекомуникациските, компјутерските и информативните услуги. Позитивните поместувања се видливи во овој домен во последните неколку години, но сепак заостанува уделот на извозот во услугите споредено со просекот на регионот”, се вели во Анализата на Народната банка во која се упатува на потребата од зајакнување на постојните и градење на потенцијалните компаративни предности на македонската економија за да одговори на предизвиците од глобализираната трговија.
Географската локација на земјата и силните и стабилни трговски врски со ЕУ се сметаат за важна компаративна предност. Поволната деловна клима, едноставниот и поволниот даночен систем и добрата поддршка на владата кон странските инвестиции се сметаат исто така за предност на земјата.
Сепак, потребни се значајни реформи за зајакнување на компаративните предности на економијата. Покрај горенаведената потреба за диверзификација на економијата и особено извозот, потребни се реформи за подобрување на целокупното деловно опкружување, преку зголемување на квалитетот на институциите, инфраструктурата, човечките ресурси и целокупното управување.
Растечкиот протекционизам влијае и врз македонската економија
Покрај предизвиците што се однесуваат на македонската економија, поврзани со локалното деловно опкружување и фазата на развој во која се наоѓа економијата, како потенцијална закана за целокупниот модел ориентиран кон извоз, се најновите глобални трговски нарушувања.
“Зголемувањето на протекционизмот, зголемувањето на нетарифните и тарифните бариери може сериозно да ја наруши глобалната трговија и да ги наруши изгледите за раст на светската економија”, се потенцира во Анализата на Народната банка.
Со оглед на неизвесноста за тоа како ќе се развива протекционизмот и во колкава мерка ќе ја наруши севкупната глобализација, тешко е да се процени неговото потенцијално влијание.
Зголемувањето на протекционизмот може да влијае на македонската економија преку неколку канали. Како прво и најмногу преку директниот трговски канал, каде повисоките давачки за увоз ги зголемуваат трошоците.
Потенцијалните негативни ефекти се очекува да бидат индиректни, преку ЕУ, како доминантна извозна дестинација на македонскиот извоз.
За мала економија, како што е македонската, која е високо интегрирано во глобалните ланци на снабдување и зависна од надворешно финансирање, негативните ефекти би можеле да бидат посилни. Прекинатата врска во меѓународната трговија речиси сигурно ќе предизвика нарушувања во извозот, но дополнително ќе изврши притисок врз цените преку зголемување на увозните трошоци.
Структурните промени во македонскиот извозен сектор ја доближија македонската економија до глобалните ланци на снабдување, ја зголемија трговската отвореност на земјата, го придвижија производството кон сектори со поголема додадена вредност и го зголемија учеството на извозните производи со повисока вредност во вкупниот извоз на земјата.
Сепак, на македонската економија и претстојат многу предизвици. Некои произлегуваат од неизбежните структурни реформи, а некои доаѓаат од глобалното опкружување и растечкиот протекционизам. Неодамнешната ескалација на трговската војна меѓу САД и Кина и потенцијалното понатамошно ескалирање, што доведува до пореметување во глобалните ланци на снабдување, е голем предизвик за малите отворени економии.
Поголемата трговија и финансиска интеграција во светот, а поизразено во ЕУ, носи корист за земјите од регионот на Централна , Источна и Југоисточна Европа, преку зголемување на благосостојбата на нивните граѓани и намалување на сиромаштијата во регионот. Но, тие исто така, носат и одредени ризици, главно преку зголемување на ранливоста на економијата од надворешни шокови и нарушувања.
За да се заштити македонската економија од ранливостите кои доаѓаат од надворешното опкружување, потребни се дополнителни реформи, претежно насочени кон зголемување на продуктивноста, постигнување на натамошно производство и диверзификација на извозот со поголемо учество на производи со повисока додадена вредност, поголем фокус на услужниот сектор и неговиот извозен потенцијал.