“Кога би имале повеќе заеднички гранични премини и доколку тие би работеле 24 часа, 7 дена во неделата, со сите потребни регулативи, поедноставени фитосанитарни процедури и царински прописи, тогаш, како регион, годишно ќе заштедевме 800 милиони евра”, изјави генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РКЦ) Мајлинда Брегу на прес-конференција одржана вчера на граничниот премин Табановце помеѓу С.Македонија и Србија.
Брегу вели дека Советот за регионална соработка иницирал воспоставување на зелени коридори за време на блокадата на пандемијата заедно со Секретаријатот на транспортната заедница, ЦЕФТА, Европската комисија и владите на шесте економии од Западен Балкан, што овозможи непречен проток на стоки и лекови во регионот.
“Започнавме со дневен проток од 2.000 камиони, кои чекаа ред на граничниот премин со часови, дури и 20 часа. Не смеете да заборавите дека ако возач на камион би губел толку многу време, тогаш тој ќе помине 80 % од својот живот на граничните премини. Но, тоа има и економско влијание, бидејќи секоја минута што доцни возач на камион значи 2 изгубени евра. Пресметајте колку губиме ние, како регион”, додаде Брега.
Прес-конференцијата беше заеднички организирана од Советот за регионална соработка, Секретаријатот на транспортната заедница, ЦЕФТА и Царинската управа на Северна Македонија и Србија.
“Сега имаме проток од 13.000 камиони на ден, а тој број може да биде уште поголем. Возачите на камиони веќе не мора да чекаат во редови толку долго и ова нè убеди дека кога и да има соработка, работите во регионот се подобруваат. Сега треба да работиме не само за да ги направиме 14-те гранични премини на Западен Балкан уникатни, отворени 24 часа на ден, седум дена во неделата, вклучително и фитосанитарни прописи и сертификати, туку и да воспоставиме заеднички гранични премини меѓу Западен Балкан и земјите членкi на Европската унија”, заклучи Брегу.
Шесте економии од Западен Балкан, Советот за регионална соработка, Секретаријатот за транспортна заедница и ЦЕФТА, со поддршка на Европската комисија и нашите соседни земји-членки на ЕУ, им помогнаа на владите во регионот да воспостават и да отворат зелени коридори, што беше многу потребна мерка со цел да се одржи протокот на стоки, особено храна, лекови и медицинска опрема во рамките на регионот, но исто така и помеѓу регионот и Европската унија, за време на блокадата предизвикана од избивањето на вирусот корона.