Пристапот до глобалниот пазар денес е полесен од кога и да било. Со договорите за слободна трговија и отстранување на трговските бариери, олеснување на комуникациите, патувањето и транспортот, стоките и услугите можат да се разменуваат многу полесно отколку порано.
Во глобалниот мозаик на потреби и вкусови, македонскиот пазар со 2 милиони потрошувачи претставуваат микро дел од глобалниот пазар. Затоа, секој потег на македонските бизнисмени за излез на странските пазари треба да биде примамлив потфат.
Македонските компании кои извезуваат се во групата на најуспешни и најпрофитабилни компании во државата.
Сепак, само 3.500 компании или 6,55% од вкупниот број на фирми во Македонија извезуваат, што е многу мал број споредено со земјите од регионот и пошироко.
Предности кои ги носи извозот
Точно е дека процесот на извоз, особено на почетокот, може да биде комплициран и неизвесен. Излегувањето во странски пазари бара зголемен напор, посветеност и подготвеност да се соочите со дополнителна конкуренција. Сепак, извозот на крајот многукратно се исплати.
Еве некои од потенцијалните придобивки и предности кои извозот ги носи за една компанија:
- Раст на приходите од продажба – Работењето на странски пазари нуди можност за раст и зголемување на продажбата. Кога извезувате, ви се отвораат врати на повеќе пазари, а со тоа и до повеќе потенцијални клиенти. Со извозот може значително да се зголемат приходите од продажба на една компанија;
- Намалена зависност од домашниот пазари и дисперзија на ризикот – Компаниите кои извезуваат имаат поголеми можности и потенцијал за долгорочен опстанок, бидејќи прераспределбата на ризикот е зависи само од трендовите на побарувачката на еден пазар;
- Нови знаење, искуства и познавање на поинакви деловни пракси – Водењето бизнис во странство отвора пристап до нови идеи, техники за управување и маркетинг кои можат да го зголемат вашиот севкупен успех. Исто така, повеќе учите за промена на трендовите во потребите на потрошувачите, стекнувате пристап до нови технологии, како и до идеи за нови производи и градење на вредни партнерства;
- Искористување на вишоците на производниот капацитет – Ако имате неискористени производствени капацитети кои не можете да ги пополните со продажба на домашниот пазар, решението може да бидат нови купувачи на странски пазари. Со поголема база на клиенти и поискористен производствен капацитет, можете да заштедите на трошоците за производство и да станете поконкурентни;
- Ширење на пазарот за продажба на постојните производи и услуги – Ако продажбата на вашите производи или услуги на домашниот пазар го достигнала својот врв, логичен чекор е да го продолжите нивниот животен век со проширување на нивната продажба на нови пазари;
- Собирање на информации за конкуренцијата – Со работењето во странство, можете да стекнете многу драгоцен увид во стратегиите на компаниите кои ви се конкуренција на странскиот, но и на домашниот пазар;
- Зајакнување на долгорочниот развој на компанијата – Извозот бара квалитетна проценка на вашите капацитети и утврдување на појасни долгорочни планови, што обично доведува до целокупно подобрување на перформансите на компанијата;
- Алтернатива при сезонските промени – Ако вашиот производ или услуга се сезонски по природа, во периоди на намалена побарувачка во Македонија, истражете ги можностите за пласирање на производите во земји кои имаат различна сезоналност или се наоѓаат во други климатски зони.