Зошто Саудиска Арабија почнува со нафтена ценовна војна?

Фото: AP

Саудиска Арабија каако една од најзначајните членки во ОПЕК се обиде на минатонеделната средба на земјите извознички да наметне поголеми намалувања на производството на нафта со цел да го спречи поевтинувањето на нафтата заради намалената побарувачка, како последица на коронавирусот.
Но, кога Русија не се согласи на овој план Саудиска Арабија одлучи да се сврти против сојузникот Русија, укинувајќи ги сите ограничувања за производство кои се донесуваа во рамки на иницијативата “Опек+”.
Официјален Ријад одговори со зголемувањето на производството на нафта и нудење на дополнителни попусти на својата нафта, што ја сруши цената на нафтата за 30% за еден ден, на 33 долари за барел сурова брент нафта.

Financial Times овој потег го толкува како обид да се казни Русија за напуштање на алијансата „Опек +“, со која Саудиска Арабија и другите земји извознички на нафта заедно со Русија успешно ја поддржуваа цената на нафтата во изминатите неколку години.

Второто сценарио, според аналитичарите, е дека Саудиска Арабија со овој потег сака да ја зацементира својата позиција како најголем светски извозник на нафта, заради што е подготвена отворено да се спротивстави на Русија и сите другите производители кои имаат повисоки трошоци за производство на нафта.

Но, аналитичарите ја доведуваат во прашање мудроста на пристапот на Саудиска Арабија. Нејзината економија не е имуна на падот на цените, дури и ако верува дека може да освои пазарен удел од своите ривали.
Но, под водство на Мохамед бин Салман, кралството има репутација на ризични и непредвидливи потези.

Зошто Русија не се согласува да го намали производството?

 

Според Financial Times, Русија на средбата на Опек заземала став дека сака да го види целосното влијание на коронавирусот врз побарувачката на нафта пред да преземе било каква акција. Но, Москва исто така со овој потег сака да ја тестира и американската индустрија за шкрилци. Русија верува дека намалувањето на производството би било само спас на секторот за добивање на нафта од шкрилци, чиј раст ги претвори САД во еден најголемиот светски производител на нафта, добивајќи клиенти на сметка на Русија.

Американските санкции кон руските енергетски компании, вклучително и оние што беа насочени кон трговската фирма на државната нафтена компанија „Роснефт“, како и обидите да се запре гасоводот Северен поток 2 кон Германија, го налутија Кремљ.

Москва стравува дека намаленото производство од “ОПЕК +” може целосно и брзо да биде  заменето на светскиот пазар со американската нафта од шкрилци.
Пристапот на Саудиска Арабија за договор со Русија било по принципот “земи или остави“. Саудијците барале Русија да им се придружи во намалувањето на дополнителни 1,5 милиони барели на ден, при што вкупните намалувања ќе достигнат до 3,6 милиони барели дневно или приближно 4% од глобалното понуда на нафта.

Што ќе се случи со американската индустрија за шкрилци?

Колапсот на цената на нафтата се случува во тешко време за индустријата за добивање на нафта од шкрилци во САД.
Додека производството на нафта од шкрилци бележи пораст во изминатата деценија, надминувајќи го растот на производството на Русија и Саудиска Арабија, индустријата е се уште ранлива на пад на цените на нафтата, односно потребни и се повисоки цени на нафтата за да биде профитабилна.
Падот на цената на нафтата од почетокот на годината, како последица на намалената побарувачка заради коронавирусот, ги доведува во прашање плановите за проширување на индустријата за нафта од шкрилци.
Од друга страна, ниските цени на нафтата се важен сегмент во обраќањето кон американските гласачи кои годинава треба да гласаат за претседател на САД, на кој ќе се кандидира и сегашниот претседател Доналд Трамп.
Но, премногу долгиот период на ниски цени може од друга страна да создаде економски проблеми во државите најголеми производители на нафта, како Тексас и Северна Дакота.

Дали цените на нафтата ќе продолжат да паѓаат?

Опоравувањето на цената на нафтата во краток рок не е можно заради неочекуваното брзо ширење на коронавирусот низ повеќе земји низ светот.
Трговците со нафта предупредуваат дека глобалната побарувачка на нафта во 2020 година може да се намали за прв пат по финансиската криза од 2008 година. Потрошувачката на нафта годинава би била барем за 1% до 2% помала од она што го очекуваа аналитичарите на почетокот на годината. Побарувачката за нафта дополнително ќе се намалува со ограничувањата на патувањата со авион и забавувањето на индустријата.

Со можност коронавирусот да прерасне во глобална пандемија, краткорочните изгледи на нафтата изгледаат мрачни.

Саудиска Арабија можеби се надева дека енормниот пад на цените ќе ја присили Русија да се врати на преговарачката маса, но тоа засега изгледа малку веројатно.
Но, аналитичарите сметаат дека овој нов пристап на Саудиска Арабија само ќе ја зацврсти позицијата на Русија, која нема да сака да изгледа како помалиот партнер кој мора да слуша се што ќе му се каже.

Многу зависи од тоа колку агресивно Саудиска Арабија ќе го зголемува производството. Саудиска Арабија има резервен капацитет поголем од која било друга земја, така што може да го зголеми производството брзо и потенцијално да додаде повеќе од 1 милион барели на ден во наредните месеци. Исто така, може да ги повлече резервите за да го зголеми извозот.
Способноста на Русија да го зголеми своето производство се поограничени.
Од друга страна, пониските цени на нафта би можеле да создадат дупки во буџетот на Русија, кој се потпира во најголем дел од приходите од нафта и гас, но и да ги загрозат ветувањата на претседателот Владимир Путин за инвестирање во области како што се инфраструктура и социјални расходи.

По започнувањето на ценовната војна меѓу Саудиска Арабија и Русија, аналитичарите на Голдман сакс ги симннаа проценките за цената на нафтата на 30 долари за барел за првиот и вториот квартал годинава.
Она што е сигурно засега е дека ниските цени на нафтата ќе останат уште некој период.