Во првите десет месеци годинава македонските компании извезле храна во вредност од 300 милиони евра. Вредноста на извезените прехранбени производи е за 8 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани, што е пад за 2,65%.

Во истиот период, увозот на храна од странство изнесувал 547 милиони  евра и бележи само мал пад од 1,1 милион евра (-0,21%) во споредба со увозот за првите десет месеци од минатата година.

Според податоците, дефицитот кој Македонија го има со светот во трговијата со храна годинава изнесува над 246 милиони евра.

Најголем дел од извозот на храна отпаѓа на извозот на свежо овошје и зеленчук. Во првите десет месеци годинава извозот на зеленчук и овошје изнесувал 152 милиони евра и е за 1,1 милион евра поголем во споредба со истиот период лани, што е раст од 1,5%.

Но, увозот на зеленчук и овошје од странство растел повеќе од извозот. Во периодот јануари –октомври годинава во земјава се увезени свежо овошје и зеленчук во вредност од 81 милион евра, што е за раст од 6,7% во споредба со истиот период лани или повеќе за 5,5 милиони евра.

Втора најголема извозна ставка е извозот на жита и преработки од жита, во која влегуваат и кондторските производи, која во првите десет месеци достигна 60 милиони евра, кој е намален за 8,67% или за 5,7 милиониевра во споредба со извозот од ланската година.

Од извоз на месо и преработки на месо во првите десет месеци годинава е остварен извозен приход од 22,7 милиони евра, кој е речиси на истото ниво како и минатата година.

На исто ниво како и лани е и извозот на преработки за исхрана кој во првите десет месеци изнесувал 21 милион евра.

Пад од 22% годинава бележи извозот на млеко и млечни производи, кој во првите десет месеци изнесувал 16,5 милиони евра, што е за 4,7 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани.

Најмногу увезуваме месо

Од вкупниот увоз на храна кој изнесувал речиси 550 милиони евра во првте десет месеци годинава, најголем дел или 111 милиони евра отпаѓа на увозот на месо и месни преработки. Годинава тој е намален за околу 4 милиони евра или за 3,5% во споредба со истиот период лани.

Втора најголема ставка на страна на увозот се жита и преработки од жита во вредност од 81,5 милиони евра. Трет најголем увоз годинава е направен со увоз на зеленчук и овошје од странство во вредност од 81 милион евра.
За увоз на млечни производи во првите десет месеци годинава се одлеани околу 60 милиони евра, исто колку и за увозот на чај, кафе и зачини.