Европската унија на 14 јули го објави предлогот за воведување на прекуграничен механизам за прилагодување на јаглеродот (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), а некои детали од него веќе излегоа во јавноста.
Нацрт предлогот предвидува дека извозниците на челик, железо, цемент, ѓубрива, алуминиум и електрична енергија во Европската унија ќе мора да плаќаат данок за емисиите на јаглерод диоксид СО2.
Повеќегодишните најави за воведување на оваа такса која ќе ја плаќаат земјите кои не го оданочуваат емитувањето на јаглерод диоксид, веќе принудија многу земји, како на пример Турција, да почнат со подготовки, но воведувањето на данокот не е поздравено од земјите од Западен Балкан.
Според „Еурактив“, ЕУ размислува за преоден период од три години за целосно спроведување на прекуграничниот данок. Новиот данок би требало да важи од 2023 година, а целосно да се спроведува од 2026 година, се наведува во нацртот.
Данокот на јаглерод диоксид треба да се однесува на емисиите од производството, како и емисиите од електрична енергија што се користи во производството.
Прекуграничниот данок на јаглерод диоксид ќе важи и за директните и за индиректните емисии. Директните емисии се емисии од производството на стоки, над кои производителот има директна контрола, вклучително и емисиите од производството на енергија за греење и ладење потрошена за време на производствениот процес. Индиректните емисии се емисии од производството на електрична енергија што се користи во производството на стоки.
ЕУ има намера, како што се наведува, да воведе сертификати за прекуграничен данок во електронски формат. Од увозниците ќе се бара да ги купуваат овие CBAM сертификати, слично на дозволите за емисии според шемата за трговија со емисии на ЕУ (EU ETS).
EU ETS сега предвидува дека сите централи за производство на електрична енергија и индустриски постројки мораат да обезбедат единици за емисија еквивалентни на нивните емисии.
Прекуграничниот данок на СО2 нема да се однесува на земјите што се во царинска унија со ЕУ: Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.