Во мај годинава македонските компании извезле стоки во вредност од 547 милиони евра, што е за 61,2% повеќе во споредба со истиот месец минатата година, кога во екот на пандемијата и затворањата извозот падна за 39%.

Увозот, пак, во мај годинава е поголем за 65,1% и изнесувал 752 милиони евра, со што покриеноста на увозот со извозот изнесувала 72,7%.

Ако се анализираат првите пет месеци годинава македонските компании извезле стоки во вредност 2,82 милијарди евра, што е раст од 44,3% или за 866 милиони евра повеќе во споредба со првите пет месеци од минатата 2020 година.

Увозот во истиот период е зголемен за 39,5% и достигнал 3,8 милијарди евра. Со тоа трговскиот дефицит во првите пет месеци достигна 1 милијарда евра и бележи раст од 28% во споредба со истиот период пани.
Покриеноста на увозот со извозот во периодот јануари-мај годинава изнесувала 73,7%.

Големиот раст на извозот и увозот во април мај годинава се должи пред се на ниската споредбена основа од лани когаа заради пандемијата со корона вирусот извозот забележа пад од 60,3%, односно за 39%.

Во првите пет месеци се бележи раст на извозот на сите 20 најголеми трговски партнери. Гледано по групи на производи, најголем раст на извозот има кај хемиските производи од дури 89,2% и кај машините и транспортните уреди од 57%, двете индустрии во кои целосно доминираат странските инвеститори во земјава кои произведуваат автомобилски делови главно за германската авт индустрија.

Раст од 12,3% во првите пет месеци годинава има и кај извозот на храна, кој достигна 152 милиони евра. Единствено пај има кај извозот на пијалоци и тутун кој е помал за околу 10% и изнесувал 54,8 милиони евра.

Ако се анализира по земји и региони, на најголемиот извозен пазар за македонската економија Европската унија (ЕУ), во периодот од јануари до мај годинава биле извезени стоки вредни 2,26 милијарди евра, што е за 767 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани, или годишен раст од 51,5%.
Податоците покажуваат дека 80% од вкупниот извоз на земјата во овој период бил насочен кон земјите членки на ЕУ.

Во земјите од Западен Балкан во првите пет месеци годинава биле извезени стоки вредни 283 милиони евра, за 23,4% или за 53 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Во петте земји од Западен Балкан во првите пет месеци годинава бил насочен околу 10% од вкупниот македонски извоз.

Гледано по земји, во Германија, нашиот најголем трговски партнер, во првите пет месеци годинава биле извезени производи вредни 1,42 милијарди евра, што е дури 50,3% од вкупниот извоз од земјава.

Станува збор за извоз кој во најголем дел отпаѓа на извозот на автомобилски делови кои се произведуваат во компаниите во зоните, а кои се наменети за германската автомобилска индустрија.

Податоците покажуваат дека извозот во Германија во првите пет месеци бележи раст од дури 72,1% во споредба со истиот период 2020 година, или е поголем за 596 милиони евра. Лани, на почетокот на пандемијата, токму извозот во Германија имаше најголем пад заради затворањата во германската индустрија предзивикани од коронакризата.

Втор најголем раст на извозот во апсолутен износ од 32 милиони евра има во Италија, што е годишен раст од 62,5%, каде во првите пет месеци биле извезени производи вредни 68,2 милиони евра.

Процентуално најголем раст на извозот во првите пет месеци има во САД од дури 190% или 24,9 милиони евра, со што извозот во првите пет месеци достигна 38 милиони евра.

После Германија, најголеми извозни пазар за македонските компании во првите пет месеци годинава биле Бугарија со извоз од 116 милиони евра, Косово со извоз од 105 милиони евра, Србија со извоз од 94,5 милиони евра, Унгарија со 91,5 милиони евра, и Велика Британија со извоз од 88 милиони евра.

Автомобилските компании го “билдаат” и увозот.

Ако автомобилската индустрија креира најголем дел од македонскиот извоз, таа исто  така најмногу го зголемува и увозот во Македонија. На двете индустрии доминантни во извозот, односно извозот на хемиски производи и машини и транспортни уреди, на кои отпаѓа 61% од вкупниот извоз, отпаѓа 38,6% од вкупниот увоз направен во првите пет месеци годинава.

Гледано по земји, Велика Британија е земјата од каде е направен најголем увоз од 810 милиони евра од вкупниот увоз во вредност од 3,8 милијарди евра во првите пет месеци. Увозот ов Велика Британија, од каде главно увезува најголемиот извозник Џонсон Мети, во првите пет месеци е зголемен за над 205%.

Германија е втор најголем пазар од каде најмногу се увезува. Во првите пет месеци увозот од оваа земја изнесувал 403 милиони евра и е зголемен за околу 40%.

Податоците покажуваат дека дури 45% од вкупниот увоз во првите пет месеци годинава е направен од земјите на ЕУ, додека само 8,5% од земјите од Западен Балкан.