Во првите четири месеци годинава македонските компании извезле стоки во вредност 2,28 милијарди евра, што е раст од 40,7% во споредба со првите четири месеци од минатата 2020 година.

Увозот во истиот период е зголемен за 34,4% и достигнал 3,08 милијарди евра. Со тоа трговскиот дефицит во првите четири месеци достигна 803 милиони евра и бележи раст од 19,3% во споредба со истиот период пани. Покриеноста на увозот со извозот во периодот јануари-април годинава изнесувала 73,9%.

Ако се анализира само трговијата во април, извозот во овој месец изнесувал 617 милиони евра и е поголем за 19,2% во споредба со април минатата 2020 година. Увозот, пак е зголемен за 138,5% и изнесувал 891 милион евра, покриеноста на извозот со увозот изнесувала само 69,2%.

Големиот раст на извозот и увозот во април се должи пред се на ниската споредбена основа од ланскиот април кога заради пандемијата со корона вирусот извозот забележа пад од 60,3%, а увозот падна за 50,9%.

Ако се анализира трговијата со 20-те најголеми трговски партнери, дури на 18 пазари има раст на извозот, а само на 2 (Холандија и Романија) има пад на извозот во првите четири месеци годинава.

Ако се анализира по земји и региони, на најголемиот пазар за македонската економија Европската унија (ЕУ), во периодот од јануари до април годинава биле извезени стоки вредни 1,83 милијарди евра, што е за 571 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани, или годишен раст од 45,5%. Податоците покажуваат дека 80,3% од вкупниот извоз на земјата во овој период бил насочен кон земјите членки на ЕУ.

Во земјите од Западен Балкан во првите четри месеци годинава биле извезени стоки вредни 223 милиони евра, за 22,8% или за 41 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во петте земји од Западен Балкан во првите четири месеци годинава бил насочен 9,8%, што е намалување од изминатата 2020 година кога 11% од македонскиот извоз бил насочен кон овој регион.

Гледано по земји, во Германија, нашиот најголем трговски партнер, во првите четири месеци годинава биле извезени производи вредни 1,17 милијарди евра, што е дури 51,3% од вкупниот извоз од земјава. Концентрацијата и зависноста на извозот на земјата од Германија се зголемила во споредба со минатата 2021 година кога 47% од вкупниот извоз бил насочен кон Германија. Станува збор за извоз кој во најголем дел отпаѓа на извозот на автомобилски делови кои се произведуваат во компаниите во зоните, а кои се наменети за германската автомобилска индустрија.

Податоците покажуваат дека извозот во Германија во првите четири месеци бележи раст од дури 66,5% во споредба со истиот период 2020 година, или е поголем за 321 милион евра. Лани, на почетокот на пандемијата, токму извозот во Германија имаше најголем пад заради затворањата во германската индустрија предзивикани од коронакризата.

Втор најголем раст на извозот во апсолутен износ од 26,4 милиони евра има во Италија, што е годишен раст од 63,5,5%, каде во првите четири месеци биле извезени производи вредни 68,2 милиони евра.

Следи Унгарија, каде извозот во првите четири месеци се зголемил за 21,9 милиони евра или за 41% во споредба со истиот период лани, достигнувајќи вредност од 75,4 милиони евра. Извозот во Словачка во истиот период годинава бил зголемен за 20 милиони евра или за 77,8% во споредба со првите четири месеци од 2020 година, достигнувајќи 45,8 милиони евра.

Во Велика Британија извозот во првите четири месеци годинава се зголемил за 18,2 милиони евра или за 33%, на 72,5 милиони евра.

Процентуално најголем раст на извозот во првите три месеци има во САД од дури 170% или 15,4 милиони евра, со што извозот во првото тримесечие достигна 24,5 милиони евра.

Најголем пад на извозот во периодот јануари – април 2021 година има во Холандија, каде извозот во овој период се намалил за 25%, на 43 милиони евра. Следи Романија со пад на извозот од 4,5%.

После Германија, најголеми извозни пазар за македонските компании во првите четири месеци годинава биле Бугарија со извоз од 88,9 милиони евра, Косово со извоз од 84,5 милиони евра, Унгарија со 75,4 милиони евра, Србија со извоз од 73 милиони евра и Велика Британија со извоз од 72 милиони евра.