Во јуни годинава македонските компании извезле стоки во вредност од 583,7 милиони евра, што е за 18,7% повеќе во споредба со извозот остварен во јуни минатата 2020 година, a за 9,5% повисок во споредба со јуни 2019 година пред да почне пандемијата.
Увозот, пак, во јуни годинава изнесувал 805 милиони евра, што е за 34,8% повеќе во споредба со јуни 2020 година, а за 31% поголем во споредба со јуни 2019 година.
Ако се анализираат првите шест месеци годинава македонските компании извезле стоки во вредност 3,4 милијарди долари, што е за 39,1% во споредба со 2020 година, а за 7,9% повеќе во споредба со првата половина од пред-пандемиската 2019 година.
Но, гледано количински извозот се уште е под пред-пандемиското ниво. Имено, во првата половина од 2021 година извезените количини изнесувале околи 1,7 милијарди килограми и се поголеми за 16,1% во споредба со првата половина од 2020 година, но во однос на првата половина од 2019 година извозот количински се уште е помал за 7,1%, кога од земјава биле извезени 1,82 милијарди килограми стоки.
Податоците покажуваат дека вредносно извозот во првата половина годинава го надминал пред-пандемиското ниво, но количински се уште е помал.
Тоа според аналитичарите може да се објасни со растот на продажните цени на одредени производи, но и со ефектот од зголемените цени на речиси сите влезни суровини и репроматеријали кои ја зголемија вредноста на увозот и извозот.
Увозот во првата половина годинава бележи раст од зголемен за 38,7% и надмина 4,6 милијарди евра. Со тоа трговскиот дефицит во првите шест месеци достигна 1,2 милијарда евра и бележи раст од 37,7% во споредба со истиот период лани, кога трговскиот дефицит изнесувал 895 милиони евра.
Во кои сектори има најголем раст на извозот?
Во првите шест месеци се бележи најголем раст на извозот на нафтени деривати од 81%, кај хемиските производи има раст од 75%, машини и транспортни уреди со раст од 48%, извозот на железо и челик бележи раст од 25,8%, извозот на храна од 12,1%, производи од метал со раст од 14,9%.
Пад на извозот се бележи кај извозот на производи од кожа и кожни производи чиј извоз во првата половина годинава е помал за дури 68% во споредба со истиот период лани, извозот на електрична енергија е помал за 23,2%, извозот на друмски возила и автобуси е намален за 14,3%, извозот на обувки е помал за 10,9%, извозот на облека за 8,9%, извозот на пијалоци има пад од 7%, а извозот на тутун е помал за 6,8%.
Нето извозниот ефект од зоните во првата половина годинава само 4 милиони евра
Дирекцијата за технолошко индустриски зони (ДТИРЗ) објави дека во зоните е регистрирано рекордно полугодие во работењето во изминатите дваесет години во однос на извозот и на увозот.
Вкупниот обем на извозот во првите шест месеци достигнал 1 милијарда и 539 милиони евра, што е за 68% раст во однос на 2020 година, 12,5% во однос на 2019, односно 33% во однос на истиот период во 2018 година.
Но, рекордно зголемување има и кај увозот кој го прават компаниите кои работат во зоните, заради што многу е намален нето извозниот ефект кои го имаат зоните врз македонската економија.
Имено, вкупниот увоз во првите шест месеци годинава достигна 1 милијарда 535 милиони евра што споредено со истиот период во 2020 година е за 90% повеќе, додека во однос на 2019 има раст од 18,5% и 55,6% раст во однос на 2018.
Тоа значи дека нето извозниот ефект на зоните изнесувал само 4 милиони евра, што значи дека извозот од зоните бил поголем од увозот во истиот период за само 4 милиони евра, што е големо намалување во споредба со минатата година.
Колку за споредба нето извозниот ефект од зоните во првата половина од 2020 година изнесува 104 милиони евра, додека во првата половина од 2019 година тој инесувал 72 милиони евра.