Македонскиот извоз во септември за прв пат после пандемијата ја надмина вредноста од истиот месец минатата година, што е показател на опоравувањето на економијата во текот на летото и почетокот на есента.
Во октомври годинава, вредноста на македонскиот извоз надмина 586 милиони евра, што е за 4% повеќе во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Во споредба, пак, со претходниот месец август, извозот кој македонските компании го направиле во септември бил поголем за 85 милиони евра или за 17,1%.
Заради шокот кој го предизвикаа пандемијата со корона вирусот врз трговијата и големите затворања, македонскиот извоз во првите девет месеци годинава во вредност од 4,05 милијарди евра се уште е помал за 15,3% во споредба со истиот период лани.
Увозот, пак, во септември годинава изнесувал 673 милиони евра и поголем за 3,1% во споредба со септември 2019 година. Ако се гледа увозот во пртвите девет месеци, тој се уште е помал за 13,2% во споредба со истиот период лани.
Поголемиот раст на извозот од увозот во септември резултираше со покриеност нa увозот со извозот од високи 87,1%.
Металите, храната и пијалоците со најмал пад на извозот
Анализирано по сектори, податоците покажуваат дека извозот во периодот јануари септември 2020 година во сите сектори е помал во споредба со истиот период лани. Најмал пад има кај извозот на метали (-2,8%), храна (-3,6%) и тутун и пијалоци од (-6%).
Најголем пад од дури 42,1% има кај извозот на нафтени деривати, кое се должи на намалената потрошувачка за време на карантиите, но и на намалената цена на нафтата на светските берзи.
Извозот на компаниите од автомобилската индустрија иако почнува да заздравува, се уште во првите девет месеци е помал во споредба со истиот период лани. Така извозот на хемиски производи, каде влегува пред се извозот на катализаторите на Џонсон Мети е помал за 18,4% во споредба со првите девет месеци од 2019 година.
Извозот на машини и транспортни уреди во првите девет месеци годинава, каде исто така доминира производството на автомобилски делови, е помало за 18,1% во споредба со истиот период од 2019 година.