Извозот на компјутерски услуги од Македонија во 2024 година изнесувал 558 милиони евра, што претставува годишен раст од 11,6% во споредба со 2023 година, кога приходите од овој сектор биле околу 500 милиони евра, покажуваат податоците од Народната банка на Република Северна Македонија.
Во истата година, земјата увезла компјутерски услуги во вредност од 156 милиони евра (годишен раст од 17,5%), што значи дека Македонија имала трговски вишок во оваа област, со нето извоз од 401 милион евра.
Во последните неколку години, извозот на компјутерски услуги бележи силен раст. Пред пет години, изнесуваше 214 милиони евра, што е раст од 160% или два и пол пати повеќе. Во 2015 година, пред 10 години извозот на компјутерски услуги изнесувал само 71 милион евра.
Доколку се земат предвид и телекомуникациските и информациските услуги, тогаш вкупниот извоз на ИКТ секторот во Македонија минатата година достигнал 633 милиони евра, со нето извозен ефект врз економијата од 441 милион евра.
Колку за споредба, извозот на храна од земјава во 2024 година изнесувал 545 милиони евра, извозот на челик 501 милион евра, извозот на текстилна индустрија 376 милиони евра, извозот на медицински и фармацевтски производи 182 милиони евра, a извозот на вино 58,7 милиони евра.
Податоците покажуваат дека ИКТ индустријата во земјата бележи континуиран раст според повеќе параметри и станува сè позначајна за македонската економија. Во текот на изминатите години, оваа индустрија бележи постојан раст на приходите, извозот и бројот на вработени, без притоа да добива специфична државна поддршка или субвенции. Оваа индустрија е доминантно извозни ориентирана со што има позитивен придонес врз трговскиот биланс во трговијата со светот.
Во секторот во кој се исплаќаат највисоки плати се вработени околу 22 илјади лица.
Според проценките на МАСИТ во 2023 година во овој сектор работеле 3.091 компанија кои оствариле вкупни приходи од 1,5 милијарди евра.

Според податоците на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Македонија е меѓу топ 10 извозници на компјутерски услуги во светот според учеството на извозот во бруто домашниот производ (БДП).
Проценките се дека ИКТ секторот има огромен потенцијал за понатамошен развој, а неговата експанзија може да придонесе за дигитализација на стопанството и развој на други индустрии, како зголемувањето на извозот со повисока додадена вредност.