Македонската фармацевтска индустрија во текот на пандемиската 2020 година на странските пазари продала фармацевтски производи и лекови во вредност од 109 милиони евра, што е зголемување за 16,24% или за 15 милиони евра во споредба со претходната 2019 година.

Најголем дел од извозот на фармацевтски производи и лекови отпаѓа на најуспешната домашна компанија Алкалоид, која неодамна објави дека минатата 2020 година ја завршила со консолидирани приходи од продажба од 197 милион евра, кои се за 9% поголеми од претходната 2019 година, а 65% или 128 милиони евра од нив се остварени од извоз и продажби на странски пазари.

Фармацевтската индустрија на светско ниво е една од најмалку погодените индустрии од пандемијата со Ковид 19, бидејќи со оглед дека станува збор за здравствена криза, потрошувачката на лекови генерално беше зголемена.

Но, пандемијата покажа и колку е важно да се има домашно производство, посебно во вака стратешки дејности како што е производството на лекови и дезинфициенси.

На почетокот на пандемијата во март минатата година, кога границите се затворија, многу земји го забранија извозот на лекови и дезинфициенси, домашната фармацевстка компанија Алкалоид и покрај сите предизвици со транспортот и набавката на суровини, успеа да го зголеми производството и да ја задоволи зголемената домашна побарувачка за лекови и дезинфициенси.

Успешните перформанси во извозот на македонската фармацевтска индустрија продолжуваат и во јануари годинава. Според податоците од Државниот завод за статистика извозот на фармацевтски производи и лекови во јануари изнесувал 7,6 милиони евра, штое раст од 21,2% во споредба со јануари 2019 година.

Благодарение на извозната експанзија на Алкалоид, извозот на лекови бележи голем раст во изминатите десетина години.

Податоците покажуваат дека во последните шест години, односно во периодот од  2015 до 2020 година, извозот на лекови и фармацевтски лекови е зголемен за 71% или за над 45 милиони евра.

Но, Македонија и понатаму останува далеку поголем увозник на лекови. Увозот во минатата 2020 година се зголемил за 15,4%, на 214 милиони евра, што е за 28 милиони евра повеќе во споредба со 2019 година.

Увозот на лекови во јануари бележи намалување за 25,2% и изнесувал околу 13 милиони евра или за 4,3 милион евра помалку од јануари 2019 година.