И покрај пандемијата со Ковид 19 и затворањето на границите што го отежна тргувањето преку граници, извозот на зеленчук и овошје од земјава минатата година бележи раст.

Во периодот од јануари до ноември минатата 2020 година од Македонија се извезени зеленчук и овошје во вредност од 170 милиони евра, што е за 4,5 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година или годишен раст од 2,73%.
Гледано количински, извозот на свеж зеленчук и овошје во првите единаесет месеци од 2020 бележи намалување од 6,89%, што значи дека биле извезени помали количнини, но со повисока цена.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од јануари до ноември биле извезени 300 илјади тони свеж зеленчук и овошје или за 22 тони помалку во споредба со претходната година.

Гледано вредносно, дури половина од вкупниот извоз на храна од земјава минатата година отпаѓа на извозот на свеж зеленчук и овошје. Според статистичките податоци вкупниот извоз на храна во периодот од јануари до ноември  минатата 2020 година изнесувал 333 милиони евра, што е пад од 2,36% или 8 милиони евра.
Најголем раст во извозот имале преработките од зеленчук и овошје од околу 16%, додека најголем пад лани има кај извозот од млеко и млечни производи  од 22%.

За споредба вкупниот извоз од државата во единаесетте месеци од 2020 забележа пад од 11,6% и изнесуваше 5,2 милијарди евра.