И покрај потешкотиите кои ги предизвика пандемијата во трговијата и секојдневното живеење и работење, коронавирусот ја зголеми побарувачката за здрава храна и овошје кои помагаат во подобрување на имунитетот. Како последица на тоа, и извозот на македонско овошје минатата година бележи раст.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека извозот на овошје од Македонија минатата година достигна 58,8 милиони евра, што е раст од 15,08% или за 7,7 милиони повеќе во споредба со извозот остварен во претходната 2019 година.

Кои овошја најмногу се продаваат во странство?

Ако се анализира кое овошје лани најдобро се продавало во странство, статистичките податоци покажуваат дека се јаболката, од чиј извоз се заработиле 25,8 милиони евра или скоро 44% од вкупниот извоз на овошје.
Извозот на јаболка лани е зголемен за 40,4% во споредба со 2019 година, кога извозот изнесувал 18,3 милиони евра.

Свежото грозје е второ најизвезувано овошје, од чиј извоз лани е остварен приход од 12,2 милиони евра. Извозот на грозје лани бил помал за околу 2% во споредба со претходната 2019 година.

Следат праските чиј извоз лани изнесувал само 3,5 милиони евра и бележи пад за дури 38,5%, односно е намален за 2,2 милиони евра во споредба со претходната 2019 година.

Голем раст од 59% лани имало и кај извозот на цреши, кој достигна 3,48 милиони евра, кои се четврто најизвезувано овошје.

Извозот на сливи исто така има голем раст од над 93%. Лани во странство биле продадени сливи во вредност од 3,3 милиони евра.

Од извоз на лубеници лани се заработени 1,4 милиони евра и извозот на лубеници бележи намалување за 25,7% во споредба со 2019 година.

Голем пад од дури 52% има и кај извозот на кајсии, кој лани се намалил на 527 илјади евра.
Раст на извозот од над 30% има кај персимонот, чиј извоз лани достигна надмина 1,1 милион евра.
Извозот на замрзнато овошје лани достигна 5,1 милион евра, раст од 3,8% во споредба со 2019 година.

На кои пазари најдобро се продава македонското овошје?

Најголем поединечен извозен пазар за македонското овошје според вредноста на остварениот приход била Русија, каде лани е реализиран извоз вреден 20,9 милиони евра, односно 32 илјади тони овошје. Тоа е зголемување на вредноста на извозот 28%, а на количините за 12,6%.

Втор најголем извозен пазар е Србија, каде минатата 2020 година бил реализиран извоз на овошје во вредност од 9,4 милиони евра, односно 26,2 илјади тони. Тоа е вредносно раст на извозот од 27,7%,

Трета е Бугарија каде лани било извезено овошје за 4 милиони евра. Но, гледано количински, според податоците од Државниот завод за статистика, во Бугарија лани бил остварен најголем извоз на овошје од 42 илјади тони, што се речиси исти количини како и во 2019 година.

Четврт најголем пазар е Романија, каде лани е остварен извоз од 4 милиони евра, што е голем пораст изминатата година, ако се знае дека Романија воопшто не беше помеѓу 10-те најголеми извозни пазари за македонското овошје за 2019 година.

Следат Косово, каде лани бил остварен извоз вреден 2,6 милиони евра, Германија со извоз од 2,3 милиони евра, Босна и Херцеговина со извоз од 1,6 милиони евра, Црна Гора со извоз од 1,46 милиони евра и Полска со извоз од 1,3 милиони евра.