И покрај сложените услови за работа кои ги предизвика пандемијата, македонската индустрија за преработки од овошје и зеленчук продолжува со растот на производството и извозот на странските пазари.

Според податоците на Државниот завод за статистика во текот на изминатата 2021 година од Македонија биле извезени преработки од овошје и зеленчук во вредност од 67,6 милиони евра, што е раст од 8,64% или 5,5 милиони евра во споредба со 2020 година. Тоа е најголема досега вредност на извозот на оваа индустрија.

Во однос, пак, на претпандемиската 2019 година, извозот на преработки на овошје и зеленчук лани е поголем за близу 27% или за над 14 милиони евра.

Овие бројки само докажуваат индустрија за преработка на овошје и зеленчук е една од најотпорните македонски индустрии во време на кризата, која обезбедува прилично висок нето извоз и во која работат претежно компании со домашен капитал, кој извозниот успех го постигнуваат без посебни субвенции и пречки од поставеноста на домашната економска политика.

Станува збор за извоз на производи кои се добиени со преработка на свеж зеленчук и овошје, односно конзервирани на разни начини, зеленчуци во оцетна киселина, овошни компоти, џемови, мармелади, сокови, или производи од групата на тарифни броеви 2001 до 2009.

За споредба извозот на преработки од овошје и зеленчук од Македонија минатата година бил поголем од вкупниот извоз на кондиторски производи кој лани изнесуваше 61,3 милиони евра, но и од извозот на вино кој лани достигна 49 милиони евра.

Податоците покажуваат дека дури две третини или 40 милиони евраод вкупниот извоз на преработки од овошје и зеленчук од земјава отпаѓа на продажбата на ајвар на странските пазари.

Околу 3 милиони евра минатата година изнесувал извозот на конзервирано овошје и компоти, од кои најголем дел или околу 1,8 милиони евра е извозот на компот од цреши и вишни.

Потенцијалите за извоз на оваа индустрија се големи, но компаниите се соочуваат со многу пречки

Македонската индустрија за преработки на овошје и зеленчук има далеку поголеми извозни потенцијали кои не се ни приближно искористени, пред се поради досегашните лоши државни политики во областа на примарното земјоделско производство и во делот на индустриските преработки.

Домашната индустрија за преработки од овошје и зеленчук се покажува и како најотпорна во време на пандемијата, извозот е зголемен, а светските истражувања посочуваат дека побарувачката за конзервирани овошја и зеленчуци ќе продолжи да расте и во пост-Ковид периодот.

Но, за жал оваа индустрија, која е претежно нето извозна индустрија со години наназад се соочува со низа проблеми кои го попречуваат развојот. Компаниите од оваа индустрија велат дека се соочуваат со недостиг на суровини, недостиг на работна сила заради нерешениот статус на сезонски работници, рестриктивната царинска политика и сложените царински процедури кои им создаваат дополнителни трошоци и им одземаат време, потоа високите царински давачки за суровини и репроматеријали од увоз, нерешената арондација и научно следење на производството на суровини, нерешени имотно-правни проблеми кои ги блокираат во развојот како инвеститори.