Индустријата за производство на преработки од зеленчук и овошје, една од извозно најуспешните македонски индустрии продолжува да го зголемува произодството, извозот и продажбите.

Според податоците на Државниот завод за статистика во изминатата 2023 година од Македонија биле извезени преработки од зеленчук и овошје во вредност од 87,5 милиони евра, што е раст 10,4% или за осум милиони евра повеќе во споредба со 2022 година.

Статистиката покажува дека биле извезени околу 43 илјади тони на преработки од овошје и зеленчук, кои се намалени за 7,3% во споредба со извезените количини во 2022 година. Македонската индустрија за преработки од овошје и зеленчук бележи континуиран раст на извозот во последните 10 години.

Извозот остварен минатата година е најголем извоз на преработки од овошје и зеленчук од земјава во последните 10 години, според вредноста на остварените продажби. За споредба, извозот на преработките од зеленчук лани бил повеќе од двојно поголем (+107%) во споредба со извозот на, пример, во 2014 година, кога биле извезени преработки во вредност од 42 милиони евра.

Но, она што е можеби поважно е дека индустријата за преработки од зеленчук и овошје е нето извозна индустрија, односно повеќе извезува, отколку што увезува, со оглед на фактот што користи во најголем дел домашни суровини. Така, само минатата 2023 година оваа индустрија остварила нето извозен приход од 34 милиои евра.

Во групата на преработки од овошје и зеленчук влегуваат производи како ајвар, зеленчуци и овошја конзервирани на разни начини, потоа овошни компоти, џемови, мармелади, сокови, или производи од групата на тарифни броеви 2001 до 2009.

Податоците покажуваат дека дури две третини или 51,6 милиони евра од вкупниот извоз на преработки од овошје и зеленчук од земјава минатата 2023 година отпаѓа на продажбата на македонскиот ајвар на странските пазари.

Топ 20 најголеми извозни пазари

Македонските преработки од зеленчук и овошје лани се извезувале во 59 земји низ светот. Во 19 земји е остварен извоз поголем од 1 милион евра.
Гледано по земји, македонските преработки од зеленчук и овошје традиционално најдобро се продаваат во земјите од регионот. Во 2023 година најголем извозен пазар била Србија. Извозот кај нашиот северен сосед минатата година изнесувал 17,6 милиони евра.


Втор најголем извозен пазар е Хрватска, каде лани биле извезени производи во вредност од 12,5 милиони евра.
Следат Германија со извоз од 6,9 милиони евра, Косово со извоз од 6,1 милиони евра и БиХ со извоз од 5,4 милиони евра.

Во најновата едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ рангирани се само две компании од индустријата за производство на преработки од зеленчук и овошје. Дием ГП со извоз во 2022 од околу 9,8 милиони евра е на 73 место и Вори од Гевгелија, која со извоз од 6,9 милиони евра е рангирана на 96 мести на листата најголеми имакедонски извозници.