Холандија, Русија и Велика Британија се трите пазари на кои македонскиот извоз бележи раст во првите четири месеци годинава во споредба со истиот период лани.
Највисок раст од дури 54,1% има извозот во Холандија. Според статсистичките податоци во Холандија вопериот од јануари до април годинава се извезени производи во вредност од 57,3 милиони евра. Холандија е една од четирите земји со кои како држава имале суфицит во трговската размена, односно повеќе сме извезувале, отколку што сме увезувале. Трговскиот суфицит со Холандија во првиот квартал годинава изнесувал 18,4 милиони евра.
Ако се анализира структурата на извозот кон Холандија, статистиката покажува дека дури 60% или 33 милиони отпаѓа на извозот на феро-никел кој го произведува и извезува Еуроникел Индустри или рестартираниот поранешен Фени Индустри.
Покрај фероникелот, во Холандија во овој период се извезувале и свежи цвеќиња и калеми, облека, заштитни одела, цевки, челични конструкции,
Во Велика Британија, која е наш втор најголем трговски партнер, во првите четири месеци се извезени производи во вредност од 54 милиони евра, а извозот бележи раст од 7,8%. Увозот од Британија бил далеку поголем и изнесувал 223 милиони евра, кој бележи пад од 35,5% во овој период.
Во Велика Британија во првите четири месеци годинава најмногу сме извезувале делови кои се поврзани со автомобилската индустрија. На прво место со вредност од 17,6 милиони евра е извозот на катализатори. Извозот на згура и пепел што содржат метали изнеусвал 14,2 милиони евра. Следи извозот на седишта, менувачи, феро никел, текстилни производи. Во Велика Британија во првиот квартал е остварен и извоз на сладолед во вредност од 647 илјади евра, кој го произведува битолската фабрика Цермат.
Русија е единствената земја од 20-те најголеми трговски партнери, со која во првите четири месеци има раст на извозот и на увозот. Во Русија во овој период се извезени производи во вкупна вредност од 12,7 милиони евра, што е раст од 16,6% во споредба со истиот период лани.
Најголем дел од извозот или 8 милиони евра отпаѓа на извозот на јаболки и на извозот на лекови кој изнесува над 3 милиони евра. Во овој периодна рускиот пазар се продале и спанаќ во вредност од околу 600 илјади евра, домати во вредност од околу 512 илјади евра. Извозот на зелка на рускиот пазар во првите четири месеци изнесувал само 165 илјади евра.