ИНТЕРВЈУ
ИЛЕ АТАНАСОВ, директор во “Брако” за камиони за чистење улици и медицински помагала
Компанијата Брако од Велес е еден од најголемите македонски извозници и пример за успешна домашна развојна бизнис приказна. Од фирма која во 90-те запаѓа во стечај, благодарение на успешното менаџирање со компанијата, како и големите инвестиции во нови производи, современи технологии и во развивање на кадар, Брако денеска е компанија која произведува производи со висока додадена вредност, а над 95% од производството се извезува низ во 30 земји од целиот свет.
Во сегментот на производство на жичани производи, Брако е една од најголемите компании во регионот на Југоисточна Европа. Но, покрај овие производи, Брако произведува и успешно извезува и медицински мебел, товарни приколки, транспортни ленти, а од пред неколку години почна со производство на првото македонско возило за чистење на улици, што се покажа како многу успешен чекор.
Брако денеска е дел од холдингот Фероинвест, со која управува бизнисменот и поранешен заменик премиер, професор Кочо Анѓушев, и која вработува над 900 луѓе.
Во ова интервју разговараме со младиот инженер Иле Атансов кој раководи со престижниот оддел за производство на камиони за чистење и медицински помагала во Брако, кој за ИзвозМК зборува за новата развојна етапа во компанијата и производството на првиот камион за чистење кој работи на водород, но и за мотивите да остане да работи и да се развива во Македонија, а не во странство.
ИзвозМК: Како се одразува кризата со пандемијата врз работењето на Брако, со оглед дека станува збор за компанија која е претежно извозно ориентирана? Со какви проблеми се соочува компанијата во делот на организација на производството, нарачките, транспортот на производите? Има ли најави дека ќе биде потребно намалување на производството или на бројот на работници?
Атанасов: Точно, над 95% од производството на БРАКО е наменето за извоз, но и покрај тоа што сме присутни во над 30 земји со нашите производи, сепак сме директно погодени од кризата со пандемијата. Од една страна се соочивме со драстичен пад на побарувачката на одредени производи, од друга страна, пак, сериозноста на ситуацијата која беше во Кина еден период на почетокот на годината, а потоа и во Италија, каде голем број производствени капацитети беа целосно затворени, ни направи проблем со прекин на ланецот на набавка на компоненти и суровини неопходни за процесот на производство и монтажа.
Ако на ова го додадеме и притисокот од нашите постоечки клиенти за пролонгирање на роковите на плаќање, бидејки и тие се соочуваат со проблем на нарушена ликвидност, може да се заклучи дека периодот од 2-3 месеци што се веќе позади нас, беа исклучително тешки за индустријата. Но, и престојниот период, односно се додека не се преброди прво здравствената криза, а потоа и економската криза, ќе биде исклучително тешко.
Вредно да се напомене е дека во изминатиот период и покрај сите проблеми со кои бевме соочени, во БРАКО бројот на вработени воопшто не е намален, сите вработени се на своите работни места и за тоа си добиваат навреме месечен надоместок во полн износ.
Благодарение на храбрата стратегија на менаџментот на компанијата на чело со проф. Кочо Анѓушев да се продолжи со производство за залиха, ние го продолживме процесот на производство со очекување дека кога кризата ќе заврши тие производи ќе ги пласираме на пазарот и тогаш ќе ги наплатиме.
Се разбира дека тоа не е воопшто лесно, бидејки во услови на намалени приходи треба да се инвестираат дополнителни финансиски средства за набавки на компоненти и суровини, но и за исплата на плата на вработените.
ИзвозМК: Брако има неколку производни програми. Но, своевиден најголем успех е производството на возилата за чистење. Брако веќе неколку години произведува и извезува на странските пазари возила за чистење, а од неодамна го купи и брендот Грин Машинс и сега практично произведувате и извезувате сопствен , македонски бренд на возила. Може ли малку подетално какви всушност возила се произведуват во Брако?
Атанасов: Во рамките на фирмата БРАКО, функционираат три главни производни програми. Првата е програма за жичани производи, втората е производство на различни метални конструкции и третата е онаа за која јас сум одговорен и опфаќа производство на возила за чистење улици и производство на разни медицински помагала и намештај.
Конкретно за возилата за чистење улици од брендот на Грин Машинс, самото производство се извршува во БРАКО од почетокот на 2017 година и се работи за три модели со различен капацитет (до 1,5м3 ) кои работат на вакуумски принцип, од кои две се на дизел погон, а едно е целосно електрично возило.
На самиот почеток улогата на БРАКО беше само како производител на овој тип на машини, но од минатата година нашата компанија БРАКО стана и сопственик на брендот Грин Машинс, заедно со сите интелектуални и патентни права поврзани со машините.
Особено сум горд што бев инволвиран во овој проект од самиот почеток, такаречено од потпишувањето на самиот договор, при преселбата на фабриката од Шкотска, организирањето и опремување на погони за производство и монтажа на возилата, екипирање и обука на тим што сето тоа ќе го спроведе и на крај што успеавме да покажеме дека и во Северна Македонија е возможно да се направи комплексен производ со голема додадена вредност и квалитет достоен за почит.
ИзвозМК: Колку возила за чистење досега се произведени и продадени во странство и каде се се продавааат и нашле досега примена возилата за одржување на хигиена на Брако ?
Во моментов подготвуваме да ја испорачаме првата од неколку електрични машини што ќе ја одржуваат хигиената во неколкуте кралски палати во Тајланд. Ова е и последната потврдена нарачка практично, а просечно во БРАКО се произведуваат 150 – 200 возила годишно.
Атанасов: Можам слободно да кажам дека нашите машини се присутни на сите континенти, освен на Антартикот.
Традиционално наши најголеми пазари се земјите од ЕУ, како што се Велика Британија, Германија, Холандија, Италија, Франција, Португалија, Шпанија, Белгија, Швајцарија итн. Во последните години започнавме со продажба и во нашите соседни земји и на Балканскиот полуостров, така да имаме пласирано по неколку машини во Бугарија, Србија, Грција, Хрватска, Босна и Херцеговина.
Имаме добра соработка и пласман во земјите од Блискиот Исток, како што се Турција, Саудиска Арабија, Израел, Кувајт и Катар. Понатаму, наши машини работат и во Австралија, на Азискиот континент имаме испорачано во Кина, Јапонија, Кореа, Виетнам, Индонезија. Исто така во таа област последни проекти ни се испораките во Тајван.
На американскиот континент имаме испорачано во Аргентина, Чиле, а пред извесен период испорачавме машини на Хаваите и на Бермудските Острови, за кои морам да бидам искрен ги барав на мапата каде се наоѓаат кога баравме опции за најефикасен транспорт.
ИзвозМК: Какви се нарачките за следниот период во различните сегменти на Брако? Какви се вашите проценки за извозот во 2020?Очекувате ли ефектите од пандемијата да се чувсвуваат подолго време?
Атанасов: Во БРАКО имаме доста разновидно производство и тоа е она што ни овозможува да опстоиме и во услови на криза. Се разбира, од аспект на организација тоа ги прави работите да бидат доста покомплексни, но придобивката е што и во услови кога некоја гранка е послаба, друга може делумно да покрие и компанијата да има сепак некој извор на приходи. Конкретно возилата за чистење улици изминатиов период имаат намалена побарувачка, но медицинските помагала и намештај се уште се бараат на пазарот и таму нема застој во испораките.
Во другите производни програми, на пример производството на приколки за аеродромски транспорт се во целосен прекин. Се надевам како што се намалуваат рестриктивните мерки, така и ќе се отвараат сите гранки од индустријата и повторно ќе се отвори побарувачката за сите типови на производи.
Се разбира дека ефектите од пандемијата ќе се чувствуваат подолго време и ќе влијаат во сите сфери на живеењето и работењето. Единствен начин да се надмине кризата е да се адаптираме на новите околности, преку еден континуиран процес на инвестиции во човечки и машински ресурси да допринесеме за зголемување на продуктивноста и квалитетот, што на крај ќе резултираат со подобра конкурентност и подобар пласман на производите.
ИзвозМК: Брако сега оди чекор понапред, во развој и производство на возила кои ќе работат на водород, што е една сосема нова етапа во развојот на компанијата. За што станува збор? Може ли да го објасните овој концепт и кога се планира да бидат промовирани новите возила?
Атанасов: Откако го превземавме брендот Грин Машинс, веднаш отпочнавме интензивен циклус на развој на нови и подобрување на постојните машини, дел со наши интерни ресурси, а дел во соработка со Машинскиот факултет во Скопје и други фирми партнери надвор од земјата.
Развојните проекти можам да ги поделам во три главни групи:
– првата е подобрување на постојните машини со цел задоволување на последните најстроги стандарди за емисија на издувни гасови, како и следење на животниот циклус на компонентите кои поради технолошкиот развој постојано се менуваат. Како пример овде би го навел развојот на бензинска варијанта на 636 моделот, при што ќе се користи последна генерација на електронски управувачки единици.
– втората група е развој на целосно нови машини со различни капацитети за дополнување на нашата гама на производи и зголемување на конкурентноста на меѓународните пазари. Од оваа област би го спомнал развојот на механичкиот свипер со зафатнина на просторот за складирање на сметот од 5,5м3, проект кој е во завршна фаза и првото пробно возење веќе го направивме.
– третата група е онаа група по која брендот Грин Машинс е лидер и е најпрепознатлив, а тоа е развој на иновативни решенија кои не постојат на пазарот и главно се однесуваат на примена на алтернативни извори на енергија што не ја загадуваат животната средина. Ако пред 10 години бевме први на пазарот што понудија машина за чистење улици целосно на електричен погон каде извор на енергија се литиум-јонски батерии, сега повторно сакаме да се наметнеме како лидери во оваа област на начин што први во светот ќе претставиме машина за чистење улици и јавни површини каде што енергијата ќе ја генерира горивна ќелија, а како гориво ќе користи водород (хидроген). Цениме дека водородот е гориво на иднината и неговата се поголема присутност со обезбедена инфраструктура во развиените земји не поттикна на еден ваков подвиг. Водородот е складиран во сад под екстремно висок притисок и тој заедно со кислород од воздухот напојува горивна ќелија која генерира електрична енергија која понатаму ги придвижува електромоторите на возилото. Сведоци сме дека во денешно време многу се форсираат електричните возила со батерии. Но, замислете што би се случило доколку сите возила се префрлат на овој енергенс? Прво, би се создале големи гужви на местата за полнење на батериите, а потоа би крахирал и енергетскиот систем кој не е дизајниран за таква голема потрошувачка.
Нашиот нов систем е целосно прифатлив за животната средина, водородот го има во изобилие, полнењето е брзо, како и на регуларните бензиски станици, а како нус-производ на работењето на машината се ослободува само вода.
Овој проект го работиме во соработка со холандска фирма која е специјализирана за имплементација на горивни ќелии во различни типови возила, возилото е веќе спремно и во моментов во маркетинг делот се работи на припрема на промоција.
Планирана беше промоција на саемот ИФАТ во Минхен кој е најпознат во светски рамки за овој тип на машини, но за жал заради околностите со пандемијата на вирусот Ковид-19 тој настан се откажа и сега бараме алтернативен начин за да го придобиеме вниманието при презентацијата на еден ваков значаен производ.
ИзвозМК: Брако докажува дека и во Македонија може да се произведува врвен и напреден производ со висока додадена вредност и со домашен кадар. Што е тајната зад успехот на Брако во овој дел?
Атанасов: За да има успех во било која работа потребна е визија, знаење и упорност. Според мене, тоа се одликите на сите инволвирани во процесот, почнувајќи од претседателот на бордот на директори проф. Кочо Анѓушев, па потоа продолжувајќи низ целата организациона структура.
Конкретно, во овој дел со возилата, искуството и знаењето постепено се градеше во период од околу 7-8 години. На почетокот почнавме да произведуваме метални компоненти ( шасии, контејнери, резервоари итн. ) за механички свипер за една странска компанија, за потоа по 2-3 години да почнеме и сами да го склопуваме возилото во БРАКО. Така ги научивме основите како се произведува еден комплексен производ.
Сепак, вистинскиот развој во овој дел се направи кога се започна со производството на машините за Грин Машинс. Успеавме во екстремно краток рок да ја преселиме фабриката од Шкотска, да ја организираме целата логистика со набавки на компоненти, да обучиме луѓе за производство и монтажа, да воспоставиме систем на контрола на квалитет, односно се што е потребно за да се заокружи целиот процес. Сето тоа е можно само доколку има целосна посветеност и желба за успех од секој еден вработен, односно ако има тимски дух.
ИзвозМК: Вие сте еден од најдобрите студенти на машинскиот факултет во вашата генерација кој останал во земјава, наместо да се иссели и работи во домапна компанија? Колку Брако нуди можност за развој и напредок на младите македонски инженери?
Атанасов: Моите студии на Машинскиот Факултет во Скопје на отсекот Моторни возила ги завршив пред околу десетина години, како еден од десетте најдобри студенти во генерацијата. Се разбира во тој период на крајот од студиите бев на раскрсница каде да продолжам, дали да пробам да барам работа во Македонија или во странство. Во тој период, во нашата држава немаше многу компании кои се занимаваа со дејности поврзани со возила. Уште пред да ја завршам дипломската работа, добив понуда од проф. Анѓушев за работа во неговата фирма БРАКО.
Од денешна гледна точка можам да кажам дека сум донел исправна одлука што ја прифатив понудата за работа и што останав во Македонија. Од една страна, успеав да се реализирам на професионален план преку можноста да се занимавам со она што ме исполнува и ми прави лична сатисфакција, а од друга страна се уште останав во истата средина во која сум израснал, во близина на семејството и сите роднини и пријатели.
Се разбира ништо не доаѓа преку ноќ, но со многу макотрпна работа, посветеност и упорност, сето тоа беше препознаено во БРАКО и ми го овозможи напредокот до менаџерската позицијата која ја имам денес.
Сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на моето семејство за доброто воспитување кое ми го дале и што ми овозможиле да се образувам, благодарност до сопругата за поддршката која што ја имам во целиот период и последно, но не и најмалку важно благодарност до проф. Анѓушев за укажаната доверба и истрајноста да ме научи мене и моите колеги со сите битни аспекти на менаџирањето на една фабрика.
ИзвозМК: Бидејќи сега е актуелно мотото купувајте домашни производи како поддршка на македонските компании во кризата, дали возилата за чистење кои ги произведува Брако се користат во Македонија?
Атанасов: Ќе ми биде огромно задоволство доколку се промени свеста во земјава и се започне во поголемa мера да се практикува механизирано чистење на улиците и јавните површини. На тој начин од една страна ќе се зголеми нивото на хигиена, а од друга страна ќе се намалат и трошоците, бидејќи една машина заменува поголем број на работници. Со тоа ќе се овозможи тие работници да се искористат во сегменти од работата каде недостига поголема фокусираност.
Можам да кажам дека во моментов генерално многу мал број на машини од овој тип се користат кај нас, бидејќи се уште во добар дел рачно се собира сметот од улиците и се одржува јавната хигиена.
Конкретно за машините од нашиот бренд, сконцентрирани сме на пазарот во Европа, Америка, Азија. Но, искрено, и поради склопот на околности и ангажманот на Кочо Анѓушев во Владата во изминатите две и пол години, ние како фирма се откажавме да конкурираме за набавки на овој тип на машини. И сега, за жал, имаме една состојба кога нашите машини за чистење се добри за цел свет, но не беа подобни за нашата земја.
Инаку, придобивките за комуналните претпријатија од користење на машина која е произведена во Северна Македонија се повеќекратни. На тој начин тие ќе имаат најдобра можна техничка поддршка и поради можноста за брза реакција сите евентуални проблеми ќе се отстрануваат во најкраток рок. Дополнителен бенефит е и достапноста на резервни делови во било кое време, бидејќи ние како производител во секој момент ги имаме сите потребни делови на залиха. Замислете доколку користите машина која е произведена во Германија, Италија или било која друга земја колку поспоро и поскапо би оделе тие процеси поради дополнителни логистички и царински трошоци.
Нашата крајна цел е да имаме задоволни корисници насекаде низ светот, но се разбира за корисниците во нашата земја имаме посебно чувство и обврска бидејки ние сме дел од оваа средина и мораме максимално да ги оправдаме очекувањата и довербата што ни била дадена.