Монтажната болница до Инфективната клиника, која беше изградена за само 14 дена двојно ќе ги зголеми капацитетите на оваа Установа, која е најважна за лечењето на заболените од Ковид 19.
“За најкраток временски рок ги дуплиравме капацитетите на установата. Со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада набавивме и поставивме „монтажни модули“, каде се сместени простории за болнички кревети, амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци. Целата оваа структура ја поврзавме со „топла врска“ со зградата на Инфективната клиника, а во периодот кој следува ќе ја доопремиме и со потребната немедицинска опрема”, напиша министерот за здравство Венко Филипче на неговиот фејсбук профил.
Изградбата на монтажната болница е проект на велешката компанија “Брако”, која иако имаше рок за изведба од 21 ден, успеа да го заврши целиот проект за само 14 дена. Со цел да бидат солидарни во оваа кризна состојба, менаџментот на компанијата целосно се откажал од заработката за овој проект, а целиот тим на инженери и работници кои биле ангажирани на изградбата имале предизвик и мотив да докажат дека и Македонија има компании и индустрии кои можат да реагираат брзо и во рекордно време за да се изградат дополнителни здравствени капацитети во борбата против Ковид 19 по примерот на развиените држави.
Александар Наумов, директор на одделот за метални конструкции во “Брако” вели дека имале два предизвика од кои биле мотивирани и раководени за да одговорат најбрзо и најпрофесионално на овој проект.
“Првиот предизвик беше итноста и сериозоста на овој проект и сметавме дека секој ден е важен за да се зачува јавното здравје и животите на луѓето. Вториот предизвик беше да докажеме дека и во Македонија има компании кои имаат капацитет да одговорат за брза изградба на вакви објекти кои ќе ги зголемат капацитетите на здравствениот систем, по примерот на развиените држави. Целиот тим на инженери и работниците во производството во Брако бевме максимално посветени на деталното планирање, организирање и изведба на овој проект за чија изведба беше употребена и високо напредна технологија која ја поседува компанијата”, вели Наумов, потенцирајќи дека се горди на брзата и успешна реализација на овој за нив и за државата стратешки важен проект која.
Со посебно видео од компанијата ја снимиле целосната реализација на проектот од производните погони во Велес до неговата монтажа.
Министерот Филипче најави дека во периодот кој следува монтажната болница, која е предвидено да има 72 легла, ќе се доопремува со потребната немедицинска опрема. Овој објект кој ќе ги зголеми капацитетите во борбата против коронавирусот и ќе ја амортизира евентуалната оптеретеност на Клиниката, во иднина ќе се користи како ургентен центар на Инфективната клиника.
За изградбата на овој објект швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци, а од велешки Брако соопштија дека се откаажале од заработката за неговата изградба.
“Брако” е една од најуспешните и најголеми извозни компании од Македонија која успеа во изминатите две децении од компанија со жичани производи да прерасне во компанија која произведува и извезува на странските пазари различни готови производи со голема додадена вредност, меѓу кои различен медицински мебел, но и возила на електричен погон.