Индустриското производство во декември минатата 2021 година бележи пад од 4,9% во споредба со декември претходната 2020 година.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем пад од 9,1% ималао во преработувачката индустрија, која учествува со околу 80% во вкупното производство на македонската индустрија. Во секторот снабдување со електрична енергија, гас и пареа во декември имало раст од 20,5%, додека во секторот рударство и вадење камен производството во декември било поголемо за 2,5% во однос на истиот период 2020 година.
Ако се анализираат, пак, податоците за индустриското производство за целата измината 2021 година, тоа е за 1,4% поголемо во споредба со производството во пандемиската 2020 година, кое што пак, заради корона кризата, падна за 9,5% во споредба со претходната 2019 година. Анализата на податоците само за преработувачката индустрија, каде се создава околу 80% од вкупното производство во македонската индустрија, покажуваат дека во многу клучни индустрии производството во 2021 година било пониско дури и во споредба со 2020 година, кога многу индустрии беа силно погодени од корона кризата.
Така, производството на фабрикувани метални производи во декември 2021 година е намалено за 38,9% во споредба со декември 2020 година, производството на метали бележи пад од дури 32%, а производството на текстил за 30%. Пад има и кај производството на машини и уреди, кое е помало за 15,1%, производството на лекови било помало за 12%.
Производството на хемиски производи, во кои влегуваат катализаторите кои ги произведува Џонсон Мети во декември 2021 година било поголемо за 34,1% во однос на истиот месец од 2020 година, а производството на електрична опрема, каде исто така работат странски компании од автомобилската индустрија е поголемо за 30,2%.
Производството во прехрнабената индустрија во декември лани било поголемо за скромни 1,2%, додека производството на пијалоци било помало за 7,7%.
Ако се анализира, пак, индустриското во текот на целата 2021 година тоа е за 1,4% поголемо во споредба со производството во пандемиската 2020 година. Производството во преработувачката индустрија во 2021 година е повисоко за 1,2%, со највисок раст повторно во индустриите каде доминираат странските компании од автомобилската индустрија.