Индустриското производство во еврозоната падна многу повеќе од очекуваното во март, бидејќи производството на капитални добра падна, иако наглото намалување се чини дека е резултат на бројките од Ирска, кои се вообичаено нестабилни.

Канцеларијата за статистика на Европската унија, Еуростат, денеска соопшти дека индустриското производство во 20-те земји кои го делат еврото се намалило за 4,1 % месечно во март, што претставува пад од 1,4 % на годишно ниво.
Економистите анкетирани од Ројтерс очекуваа месечно намалување од 2,5 % и раст од 0,9% на годишно ниво.

Индустриското производство во Ирска падна за 26,3% во месецот и за 26,1% во однос на претходната година.
Еуростат истакна дека Централната статистичка канцеларија на Ирска ја разгледува својата методологија за пресметување на сезонското прилагодување за индустриското производство.

Еуростат соопшти дека производството на капитални добра – стоки како што се згради и опрема што се користат за производство на производи и услуги – падна за 15,4% на месечно ниво. На годишно ниво, падот е 2,1%.

Сите останати компоненти на индустриското производство забележаа пад, освен онаа на трајните производи за широка потрошувачка, која порасна за 2,8% на месечно нниво, иако беше намалена за 0,8% во однос на претходната година.

Во ЕУ, индустриското производство исто така се намали во март, паѓајќи за 3,6% на месечна основа по февруарското зголемување од 1,4%.

Меѓу земјите-членки, најголеми месечни намалувања има во Ирска со -26,3%, во Шведска со -3,9%, и во Германија со -3,1%, покажуваат податоците на Евростат.

Највисоки месечни зголемувања имало во Финска со 3%, во Словенија со 2,3%, и во Чешка и Словачка и двете со 1,7%.

На годишна основа, индустриското производство се намали за 1,4% во еврозоната и 1,3% во ЕУ.