Индустриското производство во март намалено за 13,4%, огромен пад во клучните сектори

Гледано по сектори, најголем пад на индустриското производство има кај Преработувачката индустрија од дури 14,3 %. Во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација производството опаднало за 115 %, додека во секторот Рударство и вадење на камен индустрискотопроизводство бележи опаѓање од 10,8 %.

Ако се анализира само преработувачката индустрија, која има најголемо значење и учествува со речиси 77% од вкупното индустриско производство во март само во десет гранки имало раст, додека останатите 13 гранки од преработувачката индустрија имале пад на производството.

Најголем пад од 40,9% има во секторот печатење и продукција на снимени медиуми, додека втор најголем пад од дури 36,8% има кај производството на тутун. Производството во кожарската индустрија, која е речиси целосно врзана за италијанската индустрија, бележи пад од 36,7% во март, месец во кој речиси целата економија во Италија беше затворена.
Пад на производството од 36,5% има и во индустријата за преработка на дрво и производи од дрво и плута, освен мебел.
Голем пад од 36,2% во март има и во индустријата за производство на машини и уреди. Производството на електрична опрема бележи пад од 30,7% во март. Производството на моторни возила, приколки има пад од 16,6%, додека производството на облека и текстил бележат пад од 15,5%.

Пад на производството има и кај производството на метали од 14,3%, додека производството на пијалоци бележи пад од 9,1%.

Од секторите кои имале зголемено производство, најголем раст во март од 48% има кај производството на опрема за транспорт. Производството на компјутерски, електронски и оптички производи е зголемено за 28%, а раст на производството од 19,9% има и кај производството на гума и пластични маси.

Производството на фабрикувани метални производи има раст на производство во март од 9,8%, кај производството ма мебел растот е 9,4%, додека производството на фармацевтски производи бележи раст од 7,6%.
Производството на хемиски производи, сектор во кој работи најголемата комапнија во земјава Џонсон Мети, има раст на производството од 4,9% во март, додека производството во индустријата за прехранбени производи има раст од само 1,2% во март годинава.

Според главните индустриски групи, пак, производството во март годинава бележи пад кај Енергија за 12%, Интермедијарни производи, освен енергија за 11,9 %, Капитални производи за 20,1.%, Трајни производи за широка потрошувачка за 7,8 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 11,1.%.
Ако се гледа инсутрсикото производство во целото тромесечие, односно од јануари до март, падот на индустриското производство изнесува 3,7% во споредба со истиот период лани.