Индексот на индустриско производство во македонската индустрија март годинава порасна за 7,6% во однос на истиот месец минатата година. Во однос на просекот од 2020 година индустриското производство во март годинава било повисоко за 6,9%, покажуваат денеска објавените податоци на Државниот завод за статистика.

Сепак ако се гледа индустриското производство за првите три месеци, тоа е се уште пониско за 6,1% во споредба со првите три месеци од 2020 година.

Гледано по секотори индустриското производство март бележи пад во секторот рударство и вадење камен, од 2,3%, додека кај преработувачката индустрија има раст од 6,2%, додека кај секторот снабдување со електрична енергија има раст од 31%.

Во рамки на преработувачката индустрија, којашто во вкупното индустриско производство на државава учествува со близу 80%, најголем раст на производството има во индустрииите во кои се доминантни странските компании од зоните, но, опоравување бележат и прехранбената индустрија, производството на метали и неметали…

Во индустријата за хемиски производи, во која е вклучено производството на Џонсон Мети, најголемиот извозник од земјава, производство во март е поголемо за дури 44% во споредба со ланскиот март.

Кај производството на електрична опрема се бележи раст од 72,8%, додека производство на машини и уреди, две индустрии каде доминираат странските инвеститори главно од автомобилската индустрија, во март е поголемо за 34,3% во споредба со минатата година.
Производството на моторни возила, приколки и полуприколки, гранка којашто има удел од 11,6% во вкупната индустрија, производството во март е повисоко за 7,2%.

Производството на прехранбени производи, пак, коешто има удел од 10,3% во вкупното индустриско производство, во март бележи раст од 2,8%, додека произвдството на пијалоци е помало за 11,8%.

Производството на фабрикувани метални производи е помало за 43,8%, во споредба со лани, додека во индустријата за кожа и кожни производи производството во февруари е помало за 17,6% во споредба со ланскиот фавруари.

Производството на облека е помало за 1,9%, додека во текстилната индустрија производството во март годинава било поголемо за 14,8% во споредба со производството во март 2020 година.

Производството е поголемо кај производството на метали за 10%, а намалување од 14% во март има кај производството на фармацевтскки производи.