Индустриското производство во октомври годинава е помало за 6,5% во споредба со октормви изминатата 2020 година. Производството во македонската индустрија паѓа веќе четврти месец по ред, од јули годинава.
Најголем пад од дури 10,4% има во преработувачката индустрија, која учествува со околу 80 % во вкупното производство на македонската индустрија. Во секторот снабдување со електрична енергија, гас и пареа во октомври има раст од 18,6%, додека во секторот рударство и вадење камен производството во октомври било поголемо за 0,2%.
Ако се анализираат, пак, податоците за индустриското производство во првите десет месеци, тоа е за 1,8% поголемо во споредба со првите десет месеци од изминатата 2020 година.
За споредба, индустриското производство во првите десет месеци од 2020 година имаше пад од 11,3% во споредба со истиот период од пред-пандемиската 2019 година.
Анализата на податоците само за преработувачката индустрија, каде се создава над 80% од вкупното производство во македонската индустрија, покажуваат дека во многу клучни индустрии производството во октомври било пониско во споредба со октомвриското производство лани.
Производството на текстил во октомври е помало за дури 37,5% во споредба со ланскиот октормви. Производството на машини и уреди е помало за 35,9%, производството на моторни возила и приколки бележи пад од 40,9%, производството на метали е намалено за 14,8%, производството во прехранбената индустрија било помало за 8,8%, додека производството на лекови било помало за 1,7%.
Производството на хемиски производи, во кои влегуваат катализаторите кои ги произведува Џонсон Мети во октомври било поголемо за 56,7% во однос на лани, производството на тутунски производи бележи раст од 25,3%, производството на мебел бележи раст од 19,2%.