Индексот на индустриско производство во македонската индустрија во јуни годинава бележи раст од 9,5% во однос на истиот месец минатата година. Во однос на просекот од 2020 година индустриското производство во јуни годинава било повисоко за 3,3%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Колку за споредба, во јуни 2020 година индустриското производство се намали за 15,1% во споредба со пред пандемиската 2019 година.

Ако се гледа индустриското производство за првите шест месеци, тоа е повисоко за 6,6% во споредба со првите шест  месеци од 2020 година.

Гледано по сектори, индустриското производство во јуни бележи раст од 9,9% во секторот рударство и вадење камен, кај преработувачката индустрија има раст од 10,8%, а во секторот снабдување со електрична енергија има пад од 8%.

Во рамки на преработувачката индустрија, којашто во вкупното индустриско производство на државава учествува со близу 80%, најголем раст на производството има во индустрииите во кои се доминантни странските компании за автомобилски делови, но, раст има и кај текстилната индустрија, производството на метали и неметали, тутунската индустрија…

Најголем раст од 85% има кај производството на мебел, главно заради извозот врзан за автомобилска индустрија, потоа следи хемиската индустрија со раст од 75,6%, каде доминира производството на катализатори на Џонсон Мети. Производството на електрична опрема, каде доминира производството на електрични кабли за автомобилската индустрија, бележи раст на производството во јуни од 34,5%, производството на машини и и уреди бележи раст од 9,8%, додека растот кај производството на моторни возила и приколки производството во јуни е поголемо за само 2,7% во споредба со ланскиот јуни.

Производството на прехранбени производи, пак, коешто има удел од 10,3% во вкупното индустриско производство и каде доминираат компании со домашен капитал, во јуни бележи минимален раст од 0,9% во споредба со истиот месец лани. Производствот на пијалоци исто така е на исто ниво како и лани,

Производството на фармацевтски производи во јуни е помало за 23,8% во споредба со ланскиот јуни, во индустријата за кожа и кожни производи производството е помало за 12%,

Производството на тутунски производи било поголемо за 29,1%, производството на фабрикувани метални производи било поголемо за 12,9% во споредба со јуни минатата година, производството на текстил за 15,5%, производството на облека за 10,4%.

Ако се гледа во првите шест месеци во секторот рударство има пад на производството од 9,1% во споредба со првата половина од 2020 година, кај преработувачката индустрија има раст од 10,9%, додека секторот за снабдување со електрична енергија има пад на производството од 4,9%.