Индустриското производство во септември годинава бележи пад од 4,1% во споредба со септември минатата 2019 година. Тоа е седми месец по ред годинава како паѓа производството во индустријата, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во периодот од јануари-септември 2020, индустриското производство е помало за 12% во споредба со истиот период лани.
Тоа пред се должи на рекордно најголемиот пад на производството во индустријата во април од дури 33,5%, месецот кога многу фабрики мораше да ги затворат фабриките заради пандемијата со корона вирусот. Во мај исто така имаше голем пад од 27%, додека во јуни падот беше 15%.
Индустриското производство во преработувачката индустрија (која учествува со 76,5% во вкупното индустриското производство) во септември е помало за само 1,8% во споредба со истиот месец лани.
Во септември само девет индустрии од преработувачката индустрија имале раст на производството, додека останатите 14 имаат помало производство. Индустриите во кои главно работат странски инвеститори бележат благо опоравување или помали падови во септември, додека поголемо намалување на производството има во некои индустрии во кои работат доминантно домашни компании.
Податоците за септември покажуваат дека најголем раст на производството има кај производството на хемиски производи (каде најголемо учество има Џонсон Мети), кое во септември било за 32,2% поголемо во споредба со истиот месец лани.
Производството на метали има раст од 14%, производството на машини било поголемо за 4,1% во споредба со ланскиот септември, производството на лекови било поголемо за 3,5%…
Најголем пад на производството во септември од дури 39,8% имало во кожарската индустрија, кај производството на тутунски производи има пад од 24,6%, производството на пијалоци е намалено за 19,2%, додека производството на прехранбени производи во септември бележи пад од 13,6%,
Во секторот Рударство и вадење руди пад на производството од 9,8% во септември, додека во првите седум месеци производството е помало за 9,9%% во споредба со лани.
Во секторот Снабдување со електрична енергија и гас, производството во септември има пад на производството од 13,2%, додека во првите девет месеци падот е 12,1%.