Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија

 

Во земјава работат околу 200 компании со германски капитал, кои вработуваат околу 20 илјади луѓе и кои истовремено се и меѓу најголемите извозници.
Вкупната трговска размена помеѓу двете земји минатата година достигна околу 4 милијарди евра, од кои 3,1 милијарди евра се извоз кон Германија, додека македонските компании увезуваат производи во вредност од околу 960 илјади евра.
Со директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс разговаравме за проценките и очекувањата на германските компании за работењето во земјава и можните ефекти од забавувањето на германската економија врз македонскиот извоз.

 

 

Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија прославува 20 години постоење. Кои се досегашните резултати од работењето на оваа канцеларија и што сметате за најголем успех?

 

Да, нашата канцеларија годинава ќе го прослави својот 20 годишен јубилеј. Но, овој период на постоење може да се подели на два дела. Првите 17 години Канцеларијата беше претставништво на Канцеларијата во Белград, Србија, но заради интензивните германски инвестиции кои се случија во изминатите шест-седум години нашата Канцеларија беше унапредена и станавме Делегација на германското стопанство.

Во изминатите 20 години ние како Канцеларија дававме навистина силна поддршка на германските компании кои сакаат да влезат  на македонскиот пазар и ги советувавме при етаблирање на своите бизниси во земјата. Последните три години беа навистина успешни за нас како Канцеларија, направивме сосема нова структура и целосно се посветивме на германските инвеститори во земјава. Формиравме сектор кој е наменет за финании и сметководство како поддршка на германските инвеститори кои доаѓаат во земјата, оддел за даночно советување за компаниите. Но, нашиот најголем проект е проектот за дуалностручно образование, кој го спроведуваме успешно со компании партнери на овој проект.
До крајот на годинава очекуваме во овој проект да имаме 12 до 14 компании како партнери на овој проект. Дуалното за образование како проект се спроведува во пет градови. Во моментот имаме две струки. Тоа се мехатроничар и машинист за техничко работење. Суштината на дуалното образование се состои во тоа што учениците 50% од своето образование го поминуваат во компаниите  каде што имаат практична настава. Потоа по четиригодишното образование тие ќе се стекнат со државна матура. Овие два профила на младите луѓе им даваат даваат голема перспектива, бидејќи со нив ќе можат лесно да најдат одлична работа, а секако тоа ќе има позитивен придонес и за стопанството.

Какви се очекувањата на германските компании кои работат во земјава за годинава, ако се има во предвид забавувањата на германската економија и проценките за македонската економија?

 

Германското стопанство во моментов минува низ процес на голема трансформација. Се уште не знаеме како точно ќе заврши оваа трансформација. Јас лично се надевам дека тие промени ќе бидат завршени со успех во автомобилската индустрија. Исто така, има и голема промена која влијае врз автомобилската индустрија за тоа каков тип на горива ќе користат автомобилите во иднина.
Електричните возила се уште не се толку популарни на пазарот, тоа го покажуваат и бројките од нивната продажба. Но, и технологијата со која тие се произведуваат, не е технологија која ќе отвори нови работни места, заради што ќе треба да се следи и како ќе се развива ситуацијата на пазарот на работна сила со овие промени.
Во врска со очекувањата на германските компании кои работат во земјава, можам да кажам дека нивниот фокус е ставен најмногу на пазарот на трудот, односно на достапноста на квалификувана работна сила. Тенденцијата е да се зголеми продуктивноста во компаниите. Но, исто така се очекува и да се зголеми автоматизацијата во компаниите заради што е потребен и кадар кој што е повисоко квалификуван и подобро образован.

Во однос на трошоците за производство, тие се се уште многу повисоки во Германија, па може да се очекува  Северна Македонија и во иднина да биде многу атрактивна  за германските инвеститори. Дел од германските инвеститори кои работат во земјава имаат исто така производство и во Тунис и Мароко, со кои земјава е во конкуренција.

Компаниите се под постојан притисок за намалување на трошоци и за воведување на иновации. Но, сметам дека новите инвестиции кои што ќе дојдат ќе бидат со едно повисоко ниво на развиеност. Можеби нема да вработат толку голема бројка на луѓе, меѓутоа ќе вработат многу поквалификувани кадри.

Германските компании се меѓу најголемите извозници во земјава. Дали забавувањето и реформите низ кои минува германската автомобилска индустрија ќе ја намалат побарувачката за производите кои се произведуваат во фабриките во Македонија? Какви се очекувањата на германските компании кои работат во земјава?

 

Не верувам дека германските компании кои се во земјава ќе имаат намален извоз. Тие се сеуште во фаза на изградба и раст.Во земјава има компании кои произведуваат кабли, шал табли за автомобили и тн.Тоа се само поединечни производи кои се извезуваат и се употребуваат во автомобилската индустрија и компаниите треба да произведат одредена договорена количина. Производството во земјава не е поврзано директно со автомобилските копании. Доколку во Германија се почуствува криза заради намалените продажби, тоа би се почуствувало директно во централите, но не задолжително и во компаниите кои произведуваат делови за нив.

Дуалното образование е нашиот најголем проект

Дали ќе биде дуалното образование доволно за да се обезбеди доволно квалификуван кадар. Во последниве неколку години се случува масовно заминување на многу младии едуцирани лица од земјава. Што според Вас би помогнало да се олесни решавањето на овој проблем? Дали можеби се наметнува потребата од поголема либерализација на пазарот на трудот?

Дуалното образование е наменето за технички талентирани млади луѓе.  Тие млади луѓе ќе бидат специјализирани после поминувањето низ процесот на дуалното образование. На среден рок со дуалното образование ќе опфатиме 500 до 600 млади лица. Значи годишно се очекуваат околу 150 матуранти, кои ќе бидат навистина барани на пазарот на трудот, бидејќи ќе бидат стручно и добро обучени и ќе имаат шанса да направат добра кариера.
Но, за да се спречи одливот на мозоци потребно е повторно да се вопостави една стабилна средна класа. Голем број на млади и добро образовани млади луѓе ја напуштаат земјата. Но, луѓето најчесто не заминуваат само заради економски причини. Голем дел од нив не се задоволни од државното здравство и другите услугите кои им се нудат, сметаат дека државните институции не се ефикасни во своето работење. Правната сигурност не им е загарантирана, а постои и отсуство на транспарентноста во стопанството и самите компании во однос на почитување на работните навики.

Знаете Германците исто така заминуваат од Германија, посебно во областа на здравството, бидејќи сметаат дека не се доволно добро платени. Тоа е причината и зошто има толку многу недостиг од медицински кадар во Германија. Еве на пример, една мединска сестра која работи тука во една приватна болница и едобро квалификувана, може да заработува 700-800 евра месечно. Во Германија ќе земе двојно поголема плата. Меѓутоа, со таа плата во Германија, кога ќе се одбијат сите трошоци за живот, ќе живее на работ на сиромаштијата. Во Македонија со 700 евра месечен приход ќе спаѓа во групата на оние кои заработуваат подобро. Тоа истото важи и за докторите кои заминуваат во Германија. Секогаш ја гледааат бруто платата која се исплатува во Германија. Но, кога ќе се одбијат сите давачки од бруто платата, тогаш она што останува е доволно да се покријат минималните трошоци за живот.

Најголемата грижа на германските компании во земјава е пазарот на работна сила

 

Кои се најчестите проблеми или пречки со кои се соочуваат во работењето германските компании кои работат во земјава? Кои мерки би можеле да помогнат за да се зголеми нивниот извоз? Многу често компаниите ја споменуваат неусогласеноста на царините кои се многу повисоки во споредба со европските царини?

Во врска со даночните прашања можам да кажам дека на наша иницијатива и лобирање успеавме да направиме одредено приближување на царинските стапки  во земјата со оние воЕвропската унија. Тоа во пракса отвара можност во иднина инвеститорите да ги зголемат своите инвестиции и волуменот на трговската размена и да отворат нови работни места.

Најголемата грижана германските компании во земјава е пазарот на работна сила. Големите производни компании имаат трудоинтенцивни активности и најголем дел од работниците кои работат во нив се неквалификувани. Минатата година се зголеми минималната плата во земјава, но прашањето е колку овие неквалификувани работници имаат потенцијал да ја зголемат продуктивноста на компаниите и дали ќе можат да држат чекор доколку дојде до повторно зголемување на минималната плата.
Едноставно се поставува прашањето каде државата сака да се движи во однос на индустријата. Дали можеби сака нова перспектива во фармацевтската и медицинската индустрија?Да продолжи да се развива во автомобилската индустрија…? Дали процесите на производство во иднина ќе бидат поавтоматизирани?  При тоа, треба да се има во предвид и да не се дозволи компаниите меѓусебно да се канибализираат.
Она што сметам дека треба да се направи во иднина е младите луѓе кои се подготвуваат да излезат на пазарот на трудот, подобро да ги информираме за компаниите кои работат во земјава, какви можности им нудат за раст и развој и како воопшто изгледа да се работи во тие компании. На ова поле треба да се вложи повеќе труд и работа.

Членството на Македонија во НАТО е веќе извесно, а се отвара перспективата земјата да ги почне наскоро и преговорите за членство во ЕУ. Како гледате на овие процеси и како тие ќе влијаат на постојните и новите инвеститори кои сакаат да инвестираат и работат во Македонија?

Морам искрено да ви одговорам на ова прашање. На постојните инвеститори кои работат во земјата не им е толку важно дали земјата е дел од ЕУ или не. Но, со пристапувањето на земјата кон ЕУ, притисокот врз државата и државните институции ќе биде многу поголем за работите да се работат онака како што треба. Треба реално да гледаме на работите и да кажеме дека земјата никогаш нема да го стигне стандардот на нордиските земји. Не од некоја друга причина, туку станува збор за разлики во менталитетот.
Но, евроинтеграциите ќе донесат зајакнување на правната држава и правната сигурност во земјата и ќе се зголеми транспарентноста во повеќе области.
Во однос на либерализацијата на пазарот на трудот, треба да бидеме свесни дека дали пред или откако ќе влезе земјата во ЕУ мора да дојде до либерализацијана пазарот на трудот. И тоа неминовно ќе се случи. Претпоставувам дека контингенти со луѓе од Филипините, на пример, ќе дојдат во Македонија и ќе работат во производните фабрики или во некои други области.
Многу е важно да се види како земјата ќе се развива во фазата пред влез во ЕУ. Во периодот пред членство на ЕУ достапни ќе бидат фондови кои треба да ја поддржат државата да се подготви за членство. Многу е важно како ќе се употребат тие фондови, во што ќе се инвестираат парите…
Компаниите ќе ги прошират своите инвестиции, но да не дојдеме во момент кога пред да влезе во ЕУ државата ќе биде празна и без луѓе кои ќе можат да работат во тие компании.
Она што е најважно е да дојде до стабилизирање на институциите кои ќе придонесат до целокупниот развој на државата.

Каде ги гледате потенцијалите за поголема соработка помеѓу Македонија и Германија и зголемување на соработката помеѓу германските компании и локалните домашни компании. Ако се изземат автомобилските делови, трговската размена помеѓу двете е многу ограничена. Дали можеби вие како Делегација работите на поддршка на македонски компании да може полесно да излезат на германскиот пазар и да најдат нови партнери?

Според мене,има неколку индустриски гранки во кои македонската економија има потенцијал многу да се развива. Еден од нив е земјоделскиот сектор, посебно извозот на овошје и вино. Сметам дека кога земјата ќе се приближи до ЕУ, извозот на овошје може да стане многу интересен за европските пазари. Потоа, голем потенцијал за развој постои во машинската и електро индустријата, како и во ИТ индустријата.

Сакам да потенцирам дека обезбедуваме поддршка за голем дел од македонските компании при настап на саемски манифестации во Германија и сме официјални застапници на саемите Минхен, Келн и за саемот за играчки во Нирнберг.Компаниите можат да ја добијат нашата поддршка при изборот на штандови, изгледот на штандовите…Покрај настапите на саемските институции во Германија, заедно со Зружението на електро и металската индустрија (МАМЕИ) во земјата организираме саем и B2B (business to business) средби во Скопје на кои присуствуваат и многу интернационални компании кои имаат состаноци со македонски компании од овие индустрии и претставува навистина одлична можност за воспоставување на контакти за идна соработка, односно можност македонските компании да станат нивни добавувачи. Следниот саем е планиран за септември 2020 година, но оваа година сакаме да ја прошириме областа и покрај мелопреработувачката индустрија сакаме да поканиме да присуствуваат и компании од ИТ секторот. Исто така, покрај македонски компании ќе бидат поканети и компании од регионот кои што би можеле да се претстават со своите производи  и услуги со цел да добиеме една комплетна палета за извоз на производи и услуги.

Пред околу седум години почнавме и една иницијатива за пронаоѓање на добавувачи од земјите од Западен Балкан. Во соработка со германските комори низ светот и коморите во Германија и германското Здружение за металопреработувачка индустрија се врши селекција на компании од металопреработувачката индустрија од земјите од Западен Балкан. Тие треба да исполнуваат одредени стандарди и критериуми и потоа компаниите се покануваат на B2B средби кои најчесто се организираат во Германија со германски компании кои се увозници и на кои се склучуваат конкретни договори со кои компаниите од регионот може да станат нивни долгорочни добавувачи. Овие средби најчесто се случуваат секоја година во Германија, годинава во јуни во градот Мајхајм.

Она што исто го нудиме за македонските компании се услуги од сениор експерти. Станува збор за германски експерти кои се веќе во пензија, меѓутоа имаат експертиза во одредена област. Тие доаѓаат во земјата во период од шест-седум недели, во кој период прават пренос на знаење во компанијата која има потреба од таков вид на експертиза. На пример, ако една компанија сака да воведе некој нов стандард тие експерти можат да им помогнат во сите чекори на нивната имплементација.
Вратите на нашата Делагција во земјата се секогаш отворени и македонските компании можат слободно да побараат поддршка од експерти за различни области кои би можеле да дојдат и да работат со нив на одредено време.