Тања Јордева Тимовска, генерален менаџер на Дик Фагус
Дик Фагус можеби не е многу позната компанија на македонската јавност, но успева да продава низ светот дури 99% од своето производство. Во фабриката во која работат 500 вработени, годишно се произведуваат над 1.000 модели на столици кои се продаваат во многу земји меѓу кои Обединетото Кралство, Германија, Франција, Белгија, Холандија, Норвешка, Италија, Данска, Австрија, Австралија, Канада, Шведска, Финска, Израел.
За годинава, менаџментот на Дик Фагус планира 25% до 30% зголемување на производството, откако ќе почне да работи и новата фабрика Огражден Берово, која ја купиле пред две години.
Можете ли накратко да ја раскажете приказната на Дик Фагус, со што конкретно се занимавате, почетоците и како стигнавте во групата 100 најголеми македонски извозници?
ДИК Фагус е фабрика која во 2005 година премина во сопственост на Пеком Инжeнеринг, која вооедно оваа година слави 30 години од своето постоење. Фабриката која при купувањето беше во стечај со околу сто вработени, во својот производствен дел имаше само два модели на столици кои не беа конкурентни на пазарот и беше на работ на опстојувањето. Надалеку познатата фабрика беше огласена на продажба поради тоа што нејзиниот опстанок беше невозможен.
Од 2005 година започнува нашата успешна приказна. Како што велат: Силата на мислите е неверојатна. Она што ќе го замислиш тоа и ќе го постигнеш, така што еден ден сиот труд кој што сте го вложиле ќе ви се исплати.
Денеска ДИК Фагус е компанија со 500 вработени кои се вклучени во производството и се грижат од влез на суровини до финален производ. Во ДИК Фагус денеска се произведуваат преку 1.000 модели на столици кои се присутни насекаде во светот.
Кои се најизвезувани производи на Дик Фагус, на колку пазари извезувате и кои се најголемите извозни пазари?
Сите наши производи го привлекуваат вниманието со својот квалитет, уметност и дизајн. Секој пазар е уникатен со своите барања, модели, трендови, а ние успешно тоа го следиме. Околу 99% од производите на Фагус се присутни насекаде во светот почнувајќи од Обединетото Кралство, Германија, Франција, Белгија, Холандија, Норвешка, Италија, Данска, Австрија, Австралија, Канада, Шведска, Финска, Израел.
Со колкав извоз ја завршивте изминатата година и какви се плановите и очекувањата за следната 2020 година?
Годинава планираме да ја завршиме со вкупен извоз од околу 200.000 единици од производствениот програм, а за наредната 2020 година планираме зголемување на 25% до 30% со активирање на капацитетот на Огражден Берово.
Која е извозната стратегија на Дик Фагус? На што се темели успехот во извозот?
Успехот на компанијата сите овие години се темели на напорната работа и многу вложен труд, како и на нашата искреност и чесност.
Кои се најголемите проблеми се соочува индустријата за мебел во Македонија?
Најголем проблем со кој се соочуваме во овој момент е недостатокот на суровина и недостатокот на стручен кадар. Државата треба своето внимание да го насочи кон домашните компании, да ги мотивира повеќе да го пласираат својот производ во странство, како и кон решавање на проблемите со администрацијата, која во моментот е голема кочница и не работи во корист на оној кој ја плаќа.
Кои политики и мерки би помогнале да се подобри конкурентноста и да се зголеми извозот на Дик Фагус и на индустријата за мебел?
Неопходна е поддршка на сите страни од локалната структура. Имајќи во предвид дека во Берово работат само две конфекции, локалната структура треба да ни посвети поголемо влијание и со сите сили да помогне во нашиот развој. Само со заедничка борба би направиле одлични услови и поволна клима за да младите ни останат во нашата земја.
Колку е важно учеството на саеми за успешен извоз? Минатата година се претставивте на саемот за мебел во Белград и една од вашите столици се најде и на носечкиот билборд на саемот? Имате ли поддршка од државата за настап на саеми?
Нашата компанија учевствува на голем број интернационални саеми. Самостојно учествуваме веќе 11 години на IMM Келн Германија. Во Белград годинава добивме награда за најдобар дизајн на новите производи кои ги презентиравме, како и најдобра претставена компанија.
Во 2020 година во април ќе настапиме самостојно и на саем во Милано – Salone Del Mobile каде нашите производи ќе ги претставиме заедно со светски познатите дизајнерски имиња.
Единствена поддршка од државата е новиот Закон за финансиска поддршка каде државата ни враќа 20% на дел од трошоците за учество на саем.
Ако треба да дадете неколку најважни совети за поуспешен извоз кои би биле тие?
Бизнисот сам по себе значи спој на науката и уметноста. За успешен бизнис секојпат започнете од визија, дефинирајте што сакате и зошто тоа го сакате. Верувајте во тоа што го работите – не отстапувајте лесно и брзо на патот кон успехот. Одете напред и секој ден направете нешто ново за вашиот бренд, компанија, бизнис.
Опкружете се со креативни и добри луѓе, мотивирајте ги и платете ги добро, а тие двојно ќе ви вратат!
Дадете се од себе за да го направите како што треба она што во моментот ве интересира. Фокусираната енергија е моќ, а моќта е таа која го определува вашиот успех или неуспех.
Трудете се да ги анализирате вработените и бидете свесни дека понекогаш ситуациите од нивните приватни животи можат да влијаат и на нивната работа. Овозможете им порелаксирана работна атмосфера, каде што секој вработен ќе може да работи без притисок, смирено, со цел да ја заврши работата попродуктивно и во дадените рокови.
Задоволен работник значи и задоволен купувач.
Кои се вашите планови за иднина? Планирате ли проширување на бизнисот, извоз на нови пазари?
Нашите планови за во иднина се до јуни 2020 година да го отвориме новиот погон во Берово каде што ќе има можност за 100 нови вработувања. Во преговори сме со нашиот бизнис партнер заеднички да вложиме по 2 милиони евра инвестиција за производство, како и фокусирање и јакнење на брендот ФАГУС насекаде во светот.