Покрај изработката на извозниот план ,еден од најважните фактори за извозен успех е истражувањето на пазарот. Квалитетното истражување на пазарот ви заштедува време, пари и напор и ги намалува потенцијалните ризици.

Истражувањето на пазарот е клучно за да се разберат можностите што ви се нудат и како истите да ги искористите.

Информациите што ќе ги соберете за структурата на секторот, конкурентите, природата на побарувачката и начините за водење бизнис ќе ви помогнат да донесете внимателни и сигурни деловни одлуки.

Со оглед на сите напори, времето и парите што ќе ги вложите во развој на бизнис на одреден пазар, многу е важно внимателно да го изберете вашиот посакуван или таргет пазар. Треба да имате во обзир дека постојат неколку различни типови на пазари.

Повеќето пазари спаѓаат во некои од следниве категории:

# Тип 1 пазари –  динамични економии со силна конкуренција (на пр. Европската унија, Северна Америка) за кои се карактеристични квалитетна инфраструктура и високо информирани потрошувачи. За успех на овие пазари се неопходни и многу важни врвен квалитет, брз одговор, сложено профилирање на купувачите и добро разработена стратегија за влез на пазарот;

# Тип 2 пазари – економии кои се темелат на деловни односи (на пример, Блискиот исток, Јужна Америка) и бараат лична вклученост од раководството на компанијата и подолг процес на градење меѓусебна доверба. Клучно е да се прилагоди начинот на кој комуницирате и да имате чувство за културните разлики;

# Тип 3 пазари – економии кои честопати се финансираат од програми на меѓународни финансиски институции (на пр. Африка) и бараат значително прилагодување на деловните практики, флексибилност и време во утврдување на вистинските канали за информации и комуникација. Понекогаш проектот може да се развие во партнерство со меѓународни развојни организации, како што се Обединетите нации или Светската банка.