Италија ги затвори границите за македонските државјани

Се зголемува листата на држави кои го забрануваат влезот на македонските државјани во нивната земја.
Последна од низата земји кои ги затворија границите за македонските државјани е Италија.
Вчера, со одлука од Министерството за здравство, Италија ги затвори границите за 13 земји, вкулувајќи ја и Македонија и БиХ од балканските, сметајќи ги за најризични места за ширење на коронавирусот.

Забраната за патувања се однесува уште и на Ерменија, Бахреин, Бангладеш, Бразил, БиХ, Чиле, Кувајт, Северна Македонија, Молдавија, Оман, Панама, Перу и Доминиканската Република, објави Министерството за здравство.

Суспендирани се и директните и индиректните летови со тие држави.

„Епидемијата е глобално во најакутна фаза. Не можеме да ја загрозиме жртвата која Италијанците ја поднесоа во последните месеци“, рече министерот за здравство Роберто Сперанза.

На граница ќе се блокираат и луѓето кои биле или транзитираат низ тие земји во последните две недели, додаде тој.

Италија оваа недела се бореше со зголемен број нови случаи поврзани со доаѓања од Бангладеш која на „црвената листа“ е ставена во вторникот.