Најуспешната домашна компанија “Алкалоид” очекува и следната 2022 година да го продолжи долгогодишниот тренд на раст на приходите ,добивката, инвестициите и вработувањата. Фармацевтскиот гигант очекува следната година да оствари консолидирани приходи од продажба над 224 милиони евра, што е раст за 8% во однос на очекуваните приходи во 2021 година.
Над 65% од продажбите се очекува да бидат на странските пазари, додека 35% од приходите од продажби на домашниот пазар.
Планираниот биланс на успех на Алкалоид предвидува раст од 7 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA) која во 2022 година ќе надмине 40 милиони евра, додека консолидираната нето добивка се очекува да порасне исто за 7%, на 22,4 милиони евра.
За 2022 година се планирани 60 нови вработувања во Алкалоиод АД Скопје и 10 во друштвата во странство.
Посветени на растот и развојот , како и на најновите трнедови во фармацијата, “Алкалоид” во изминатите две децении инвестираше над 200 милиони евра. Трендот на инвестиции ќе продолжи и во 2022 година, кога компанијата планира околу 14 % од консолидираните приходи од продажби да ги инвестира во материјални и во нематеријални средства.
Од “Алкалоид” велат дека следната година е година која ќе ја одбележи реализацијата на исклучително значајни инвестициски проекти за компанијата.
“Алкалоид започна со еден од најголемите инвестициски зафати во последниве десет години. Тоа е оформувањето нов производствен погон во Фармација – Производство на цврсти форми. Предвидена е изведба на 2.000 м2 чисти простории, целосно во согласност со највисоките стандарди за фармацевтско производство, со законските регулативи во ЕУ и со GMP-прописите. Планираната вредност на инвестицијата е 4 милиони евра. Во функција на проширување на капацитетите, планирано е и снабдување со нова производствена опрема во вредност од околу 6 милиони евра. Со ова повеќекратно ќе се зголемат прозводствените капацитети и ќе се создаде потенцијал за долгорочен, континуиран раст на продажбите, како и за нови вработувања”, велат од Алкалоид.
Од компанијата информираат дека во тек е и изградба на нов објект со вкупна површина од 4.000 м2 , кој ќе ги обезбеди неопходните придружни содржини за исполнување на комплетноста на GMP-прописите во растечките производствени капацитети. Централните гардероби ја претставуваат првата алка во синџирот на производствените услови на GMP. Планираната вредност на овој проект е 4 милиони евра.
Уште една новина од “Алкалоид” е дека следната 2022 година компанијата планира изградба на неколку фотоволтаични централи со вкупна вредност од 200.000 евра, продолжувајќи со инвестирањето во производство на електрилна енергија од обновливи извори за сопствени потреби. Компанијата веќе има добиено лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за производство на електрична енергија за сопствени потреби.
Менаџментот на компанијата посочува дека ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.
“Алкалоид” годинави одбележа 85 години јубилеј, во кои компанијата успеа да прерасне во една од најголемите фармацевтски компании во Југоисточна Европа, со две подружници во земјава и 18 подружници во странство, препознатлива по високиот квалитет на производите, инвестициите во примената на најсовремени технологии и деловни стандарди, како и постојана грижа за вработените, потрошувачите, на акционерите, деловните партнери и целата општествена заедница во која работи.