Во првите три месеци годинава македонските компании извезле стоки во вредност од 1,66 милијарди евра, што е раст од 18% во споредба со првите три месеци од минатата 2020 година.

Увозот во истиот период е зголемен за 14,1% и достигнал 2,18 милијарди евра. Со тоа тргофскиот дефицит во првите три месеци достигна 521 милион евра и бележи раст од 3,2% во споредба со истиот период пани. Покриеноста на увозот со извозот изнесува 75,9%.

Ако се анализира трговијата со 20-те најголеми трговски партнери, на 15 од нив има раст на извозот, а само на 5 има пад на извозот во првите три месеци годинава.

Ако се анализира по земји и региони, најголем пазар за македонската економија и понатаму останува Европската унија (ЕУ), каде во периодот од јануари до март годинава биле извезени стоки вредни 1,33 милијарди евра, што е за 203 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани, што е годишен раст од 18%. Дури 80% од вкупниот извоз на земјата во овој период бил насочен кон земјите членки на ЕУ.

Втор најголем пазар е регионот на Западен Балкан, каде првите три месеци годинава биле извезени стоки вредни 160 милиони евра, за 11,9% или за 17 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во петте земји од Западен Балкан во првите три месеци годинава бил насочен 9,6%, што е намалување од изминатата 2020 година кога 11% од македонскиот извоз бил насочен кон овој регион.

Гледано по земји, Германија веќе неколку години е наш најголем трговски партнер. Во првите три месеци годинава во најголемата европска економија биле извезени производи вредни 851 милион евра, што е дури 51,7% од вкупниот извоз од земјава. Концентрацијата и зависноста на извозот на земјата од Германија се зголемила во споредба со минатата 2021 година кога 47% од вкупниот извоз бил насочен кон Германија. Станува збор за извоз кој во најголем дел отпаѓа на извозот на автомобилски делови кои се произведуваат во компаниите во зоните, а кои се наменети за германската автомобилска индустрија.

Податоците покажуваат дека извозот во Германија во првите три месеци бележи раст од 28% во споредба со првите три месеци од 2020 година или е поголем за 187 милиони евра.

Втор најголем раст на извозот во апсолутен износ од 18,7 милиони евра има во Италија, што е годишен раст од 57,5%, каде во првите три месеци биле извезени производи вредни 51,7 милиони евра.

Следи Велика Британија каде извозот годинава се зголемил за 12,3 милиони евра или за 26,5%, на 58,8 милиони евра.

Раст на извозот од 11 милиони евра или 51,4% бележи извозот во Словачка.

Процентуално најголем раст на извозот во првите три месеци има во САД од дури 146% или 10,7 милиони евра, со што извозот во првото тримесечие достигна 18 милиони евра.

Извозот во Турција бележи раст од 54,1% или за 10,5 милиони евра, достигнувајќи 30 милиони евра

Најголем пад на извозот во периодот јануари – март 2021 година има во Холандија, каде извозот во овој период се намалил за 30,1%, на 36,8 милиони евра. Следат Романија со пад на извозот од 22,2%, Бугарија со пад од 10,6%, Грција пад од 4,2% и Словенија, каде извозот во првите три месеци годинава е намален за 4,1%.

Поселе Германија, најголеми извозни пазар за македонските компании во првите три месеци годинава биле Бугарија со извоз од 62,2 милиони евра, Косово со извоз од 60,8 милиони евра, Велика Британија со извоз од 58,8 милиони евра, Унгарија со извоз од 57,5 милиони евра, Србија со извоз вреден 52,8 милиони евра и Грција со извоз од 58,5 милиони евра.