Автор: Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници и ко-сопственик и на ПроАгенс
Ќе донесе ли 2022 година навистина измени во даночниот систем? И што да очекуваат македонските даночни обврзници од претстојната година?
Иако на почетокот на годината беа користени сегменти од изјава на претставник на фискалните авторитети за престојни измени во даночниот систем во 2022 година сепак годината во која влеговме не носи посебни неизвесности кои би ги ставиле во категоријата неочекувани.
Две работи се извесни.
Првата се однесува на донесувањето на измените на Законот за данокот на додадена вредност, обврска што не беше завршена на крајот на 2021 година и со која прагот за регистрација за ДДВ се подига од 2 на 3 милиони денари, потоа се воведува оданочување на вредносните ваучери со приемот на парите, „даночен застапник“ на странско лице за промет во земјата, продолжување на важењето на е-фактурите до крајот на 2022 година и уште некои допрецизирања.
Втората се однесува на почетокот на примената на измените на Законот за даноците на имот со кои од 1 јануари 2022 година даночните стапки за неактивниот имот се зголемуваат тројно. Тројното зголемување на овој општински данок се однесува на сопствениците на имотот: а) ФИЗИЧКИ ЛИЦА (граѓани), б) ПРАВНИ ЛИЦА, в) ДРЖАВАТА како сопственик, г) општините, општините во градот Скопје и на градот Скопје кои:
· имотот НЕ ГО КОРИСТАТ (граѓаните – за живеење, а правните субјекти, органите, ЕЛС – за целите на вршење на дејноста), односно
· истиот НЕ ГО ИЗДАВААТ под ЗАКУП подолго од шест месеци во текот на една година.
Зголемувањето на стапките на данокот на имот за ТРИ ПАТИ се однесува и на земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство.
Активното издавање на имотот под закуп во траење од шест месеци се мери во рамките на една календарска година.
Сопствениците, физички и правни лица, државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и кои нема да пријават дека не користат недвижен имот кој е во нивна сопственост, ќе платат данок по стапка ПЕТ ПАТИ повисока од пропишаните стапки.
2022 година е последна година во рамките на тригодишната пауза за примена на прогресивното (праведно како што милува Владата) оданочување. Имено од 2023 година треба да продолжи прогресивното оданочување на доходот на граѓаните со данок на личен доход.
Но, претходно е потребно применување на неколку сериозни мерки во рамките на подготовките за враќањето на прогресивното (праведното) оданочување. Овде мислиме на применување на мерки и механизми со кои ќе се нанесе сериозен удар на сивата економија, ќе се обезбеди механизам за оданочување на семејниот доход, наместо доходот на поединецот, ќе се обезбедат алатки за автматизирање на наплатата на данокот на доход од банкарските камати и капиталните добивки од хартии од вредност, ќе се осмисли механизам за ублажување на стрмната прогресија…
Неизвесноста во врска со новите решенија кај данокот на доход, ќе предизвикаат активно однесување на даночните обврзници, во смисла на селење на доходите надвор од земјата и нивно атомизирање, потоа на превенирање на даночниот удар со исплата пред 2023 година на доходи кои произлегуваат од капитални ставки (дивиденди) и сл. активности
Кај останатите даноци засега не се најавени некои значајни измени.