Што ќе може да користат фирмите од третиот пакет мерки?

Владата го објави третиот сет мерки кои за поддршка на граѓаните и компаниите погодени од коронавирусот кој ќе чини 355 милиони евра и преку него ќе бидат опфатени 730.000 корисници.
Со овој пакет, вкупната помош за економијата од трите сета мерки изнесува 550 милиони евра или 5,5% од БДП.

“Третиот пакет економски мерки ќе овозможи заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството. Истиот содржи краткорочни и среднорочни мерки за ревитализација на македонската економија.
Ова се мерки за нова, развојна економија, преку кои ќе ја зголемиме потрошувачката и ќе стимулираме заштита, промоција и раст на домашната економска понуда. Со новата развојна економија ќе ја зголемиме и нашата конкурентност, и во регионот и пошироко”, изјави премиерот Оливер Спасовски.

Меѓу меркте кои ќе може да ги користи бизнисот се :

– Бескаматни кредити за фирми преку Развојната Банка на Северна Македонија, во вредност од 31 милион евра – поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот

Оваа бескаматна кредитна линија во вредност од 31 милион евра ќе биде достапна за сите микро и мали компании а истата ќе понуди и 30% грант (неповратни средства) за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење.

– Државна гаранција за комерцијални кредити и за обезбедување на царинскиот долг

Државата става на располагање финансиски средства за поддршка на за поддршка на Старт ап и мали и микро компании преку комерцијални банки со 10 милиони евра иницијален капитал за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик. поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит.

Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ.

– Нови 25 милиони евра за приватниот сектор – за нови пазари, конкурентност и модернизација

Согласно законот за финансиска поддршка со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата им помагаме на компаниите за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност како и модернизација на процесите.

– Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании

Со финансиска поддршка од 1 милион евра ќе им помогнеме на овие индустрии да креираат платформа на која ќе може да ги пласираат своите производи на нови пазари.

– Поддршка за развој на домашни старт-ап продукти и услуги преку ФИТР

Нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село. Директно го стимулираме отворањето нови сопствени бизниси.

– Кофинансирање на настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари

Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50% од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30.000 денари.