Многу често деновите слушаме дека минималната плата треба да се зголемува како што ќе се зголемува продуктивноста, односно дека платите се зголемуваат институционално и покрај тоа што продуктивноста не се зголемува. И дека понатамошното зголемување на платите над растот на продуктивноста ќе доведе до затворање на многу фабрики во земјава.
Пред да се продолжи со филозофски расправи од типот што е постаро кокошката или јајцето, треба да го разбереме и сфатиме моментот во просторот и времето во кое се наоѓаме како држава и како економија.
Од 1 март Германија широко ги отвара вратите и ги олеснува максимално условите за влез на нејзиниот пазар на работна сила за сите кадри што им се потребни на германските компании. “Make it in Germany” e мотото под кое се рекламира оваа акција од која се уплашени и многу понапредни економии од македонската. Иако не се целосно паднати границите за слободно движење на работната сила, тоа сигурно ќе се случи како што ќе почнеме да го одиме патот кон ЕУ.
А добро е позната капиталистичката вистина, која уште и Маркс ја увидел, а тоа е дека капиталот секогаш се сели од индустрии со пониска профитна маржа, во индустрии со повисока профитна маржа. Тоа е исто и со работната сила. Работниците се селат од индустрии и компании кои даваат ниска плата во компании и индустрии кои даваат повисока плата. И тоа се нормални процеси во економијата.
Проблемот кој се случува е што во индустриите со пониска профитна маржа и ниски плати нема кој да работи. Па затоа, таму каде што побарувачката за работна сила е поголема, неминовно е да дојде до зголемување на платите или тие компании ќе пропаднат.
Решението во двата случаи е во зголемување на профитабилноста, а тоа е можно единствено преку зголемување на продуктивноста. Само поголемата продуктивност има моќ да го анулира покачувањето на платите и да ја задржи профитабилноста на компаниите.
Некои македонски бизнисмени тоа веќе го сфатија, а некои допрва ќе го сфатат на полесниот или потешкиот начин.
Уште една констатација која често може да се слушне од македонските бизнисмени, па и економски аналитичари е дека македонскиот работник е помалку продуктивен отколку на пример работниците во Кина или Германија. Или дека во Македонија ефективно се работи по два или три часа дневно. Но, тоа сигурно не е така заради тоа што македонските работници се мрзливи. Бидејќи тоа се истите работници кои кога ќе отидат да работат во германските фабрики се продуктивни и остваруваат германска продуктивност.
Кога работниците седат на работа и чекаат да им дојде времето да си одат дома, проблемот секако треба да се лоцира и во работодавецот и неговата способност да обезбеди работа за сите вработени или непсособност нивниот број да го сведе на разумно ниво.
Понатаму, многу време се губи на несоодветно или погрешно организирани работни процеси, а технологијата која се употребува во добар дел од производните погони во земјава е застарена.
Многу важно прашање е и колку компаниите имаат ангажирано соодветен менаџмент кој знае да ги организира сите ресурси и процеси и колку имаат капацитет и волја да инвестираат во нова технологија за да продолжат да се развиваат.
Продуктивноста на трудот е основен економски принцип и основен показател за успешното функционирање на една компанија или економија, кој тежи да се остварат подобри резултати со помали поединечни трошоци за работна сила. Значењето на продуктивноста е толку големо, што едноставно не е можен економски раст и развој, ниту зголемување на економската благосостојба и животниот стандард на граѓаните, без зголемување на продуктивноста.
Неодамнешната студија на ОЕЦД за македонската економија констатира дека економскиот раст може да дојде единствено преку поголем извоз на производи со додадена вредност.
Кочо Анѓушев, сопственик на Брако смета дека развојот на економијата и компаниите треба да се насочува кон индустрии кои можат да произведуваат производи со повисока додадена вредност.
“Брако пред 17 години почна со производство на жичани производи и поцинкувани жици, а денеска сме дојдени до фаза на производство на електрични возила. Toa е патот по кој треба да се оди”, вели Анѓушев.
Според него, за да произведуваме производи со повисока додадена вредност потребни се три предуслови.
“Прво, мора да ја смениме технологијата. Не може да произведуваме производи со додадена вредност со стари машини и технологија. Второ, мора да ги имаме луѓето кои ќе знаат да работат со таа технологија. Работниците мора да се обучуваат за тоа внатре во компанијата, бидејќи нема такви готови кадри на пазарот на трудот. За овие две работи потребно е секако компаниите да имаат пристап до финансии. Трето, и според мене, најважно е дека мора да се смени менталитетот на менаџментот. Менаџерите мора да бидат подготвени да воведат нови начини на управување на компаниите, да го подобрат корпоративното управување, да воведат lean производство, следливост на производството и контрола на квалитетот. Без овие промени во менталитетот на менаџментот и во компанијата, не може да очекуваме дека ќе се движиме кон производство на производи со повисока додадена вредност”, вели Анѓушев.
Роботите во производството во минатото беше далечна работа, но сега, вели Анѓушев, се реалност во многу комапнии, посебно во металопреработувачката индустрија. Но, воведувањето на автоматизација, вели Анѓушев, подразбира и воведување на ИТ во производството во компаниите.
“Прашањето на воведување на нови технологии и ИТ системи во производството не е прашање дали сакате или не сакате, дали можете или не можете, туку тоа денеска е прашање дали ќе постоите или нема да постоите”, вели Анѓушев.
Ирена Јакимовска ко-сопственик и менаџер во текстилната фабрика “Комфи Ангел” од Прилеп смета дека најнапред треба да си признеме дека како компании и како економија не сме конкурентни на меѓународните пазари.
“Потребно е да најдеме начин како можеме да бидеmе конкурентни на светскиот пазар. Со луѓе и евтина работна рака очигледно не можеме да бидеме конкурентни. Треба да се поедностави пристапот до поевтини финасиски средства за набавка на нови технологии. Нашиот најголем конкурент инвестираше 12 милиони евра во нови современи технологии, при што државата му субвенционираше дел од таа инвестиција.Тие успеаа бројот на вработени да го намалат од 800 на 100. Нема друга филозофија. Потребни се инвестиции во нова технологија за поголема конкурентност, која ќе донесе до поголема продуктивност, профитабилност и подобар стандард за сите”, потенцира Јакимовска.
Но, инвестициите во нови технологии без луѓе кои знаат како истите да ги употребуваат нема да донесе до поголема продуктивност.
Многу важен фактор кој го посочуваат бизнисмените како клучен во подигнување на продуктивноста е образованието. Квалитетот на образованието е сериозно нарушено, велат тие, и кадрите кои излегуваат на пазарот на трудот се со знаења и вештини кои се целосно застарени.
Ако како економија одлучиме дека треба да одиме кон поголема автоматизација и дигитализација на производните процеси и воведување на нови современи машини и процеси, тогаш неминовни се итни реформи во системот на образование кои треба да образува и обучува таков вид на кадри.
Има многу прашања кои како општество не сакаме да ги отвориме и јасно да ги одговориме. Зошто платите во администрацијата се повисоки од приватниот сектор? Зошто работниците не се мотивирани да бидат продуктивни? Зошто сопственциите не се заинтересирани за поголем развој на компаниите?
Факт е дека ниту еден работник нема да биде мотивиран да биде продуктивен со плата од која едвај преживува, но исто така е факт дека никој нема да има интерес да вложува ако нема профит и поврат на инвестицијата.
Оттука, ако како држава и економија не ги поставиме реалните ценовни односи во земјата и во односите со странство, односно основите за развој во кои и работниците и сопствениците на капитал ќе бидат задоволни, не можеме да постигнеме ниту поголема продуктивност, ниту поголем животен стандард за граѓаните.
Што предлага Светската банка?
Ниска продуктивност на домашните фирми, ниско ниво на развој на човечки капитал, неусогласеност помеѓу вештините и промените во побарувачката на пазарот на труд, пречки од јавните политики во однос на конкурентноста и инвестициите, слаба државна администрација. Тоа се главните предизвици за растот на македонската економија, за чиј поголем развој Светска банка неодамна побара забрзување на економските реформи.
Во клучните препораки за јакнење на продуктивноста во редовниот пролетен извештај на Банката се наведени подобрувањето на конкурентноста и способноста на фирмите за усвојување технологии, пристапот до финансии и снабдувањето на странските директни инвестици, промоцијата на конкурентноста, вклучително и преку усогласување на регулативата на пазарите на производи и услуги. Потребно е и побрување на управувањето и ефикасноста на јавната администрација за да се обезбедат подобри услуги за граѓаните и фирмите, како и обезбедување на владеењето на правото вклучително и за комерцијалните договори.
Има голем простор за подoбрување на распределбата на државната помош и треба да се преземат политики за јакнење на конкурентноста и продуктивноста. Да се обезбеди похоризонтална државна помош и еднакви услови за сите актери во Македонија, да се спроведат и политики за зајакнување на иновациите, истражувањето и развојот, што би можеле да донесат поголеми дивиденди во однос на растот, наместо да се поддржуваат традиционалните начини на работење на фирмите, смета Сања Маџаревиќ Шујстер, економист од Светска банка.
Северна Македонија, како што вели, е на врвот во регионот на Западен Балкан во олеснување на водењето на бизнисите, глобално е една од најуспешните земји, но сепак во продуктивноста постојано заостанува зад останатите држави.
Не само што стагнира трендот на раст, туку и нивото на севкупна продуктивност е најниско во регионот, вели Маџаревиќ, Шујстер и посочува дека подобрувањето на продуктивноста е подлабока реформа од реформите на Дуинг бизнис. Се однесува на неколку работи, вклучувајќи конкурентност на пазарот односно, како што вели, да се осигура дека правилата за државна помош и конкурентност важат подеднакво за сите фирми, како и дека нема ограничување на регулативите на пазарот не само на мрежните услуги, како енергетика, телекомуникации, транспорт,… туку и на професионалните услуги од инженери, архитекти и на тие во малопродажниот сектор. Тоа ќе ги овозможи влез на потенцијални партнери и ќе ги отстрани пречките за нивно работење на локалниот пазар.