Сите компании кои сакаат да извезуваат млеко, млечни производи, месо и други производи од животинско потекло мораат да имаат одобрение за извоз на пазарите од Европската унија.
Надлежна институција за процесот на добивање на одобрени за извоз во ЕУ во земјава е Агенцијата за храна и ветеринарство.
“Процедурата за добивање на одобрение или сертификат за извоз во ЕУ започнува со поднесување на барање од страна на компанијата (оператрот) до Агенцијата за храна и ветеринарство, за што се плаќа административна такса од 50 денари. По поднесувањето на барањето, членови на работна група од Агенцијата за храна и ветеринарство спроведуваат официјална контрола, со цел утврдување на исполнетоста на техничко технолошките и ветеринарно – санитарните услови од страна на операторот со храна од животинско потекло за извоз во земјите членки на Европската Унија”, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Доколку по спроведената официјална контрола се утврди дека соодветните барања за извоз на производи на пазарот на Европската Унија не се исполнети, односно има неусогласености операторот со храна се информира на лице место за отстранување на истите како би се продолжила постапката.
По утврдување на целосно исполнување на барањата пропишани во националното законодавство во текот на спроведената официјална контрола, Агенцијата за храна и ветеринарство започнува процедура пред Европската Комисија со поднесување на формално барање за одобрување и ставање на Листата на објекти од трети земји одобрени за извоз во земјите членки на Европската Унија.
“Доколку нема забелешки од било која земја членка на Европската Унија, новата надополнета Листа на објекти од трети земји ќе биде објавена на WEB страната на DG SANTE, Directorate F, Health and food audits and analysis, по што операторот ќе може да ги извезува своите производи во земјите членки на Европската Унија”, објаснуваат од Агенцијата.
Пред извоз на храната со животинско потекло, а како гаранција за исполнетите услови, Агенцијата за храна и ветеринарство на основа на своите надлежности го издава сертификатот за извоз на храна, производи и суровини од животинско потекло од Македонија во земјите членки на Европската Унија.
“Времетраењето на постапката зависи од повеќе фактори: исполнетоста на барањата на операторот со храна констатирана во текот на спроведената официјална контрола, времетраењето на отстранување на констатираните неусогласености, процедурата која ја води Европската Комисија за ставање на Листа на објекти од трети земји која изнесува во просек од 1,5 до 3 месеци, па така целокупната постапка од поднесување на барање на операторот со храна до Агенцијата за храна и ветеринарство до објавување на листата на Европската Унија изнесува мимимум 3 месеци”, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.