Во јули 2023 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 5,49%, што претставува месечен раст од 0,37 процентни поени и раст од 1,16 процентни поени во споредба со јули минатата година, покажуваат најновите податоци од Народната банка.
Во јули, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,50 процентни поени (п.п) на месечна основа и изнесува 5,36%. На годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор бележи раст од 1,83 п.п.
Нагорната промена е резултат на растот кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,87 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,55 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,38 п.п.).
При тоа, каматата на новоодобрените кредити за фирмите достигна 5,75%, што е зголемување за 1,56 процентни поени во споредба со јули минатата година и раст од 0,31 процентни поени во споредба со претходниот месец. Од аспект на валутната структура, месечниот раст е резултат на зголемените каматни стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 1,69 п.п. и 0,39 п.п., соодветно), додека каматните стапки на кредитите во странска валута се намалени (за 0,15 п.п.).
Зголемувањето на каматите за фирмите е резултат на зголемувањето на основната каматна стапка од Народната банка како дел од напорите да се бори против рекордно високата инфлација.
Каматите на новите депозити се намалуваат
Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во јули, изнесува 2,02% и е повисока за 0,03 п.п. на месечно ниво. Притоа, промената се должи на растот на каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,06 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), додека каматните стапки на депозитите во странска валута остварија пад (за 0,11 п.п.). Во споредба со јули претходната година, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е зголемена за 1,08 п.п.
Овој месец, каматната стапка на новопримените депозити4 на корпоративниот сектор е намалена за 0,54 п.п. и изнесува 1,57%. Месечната промена се должи на пониските каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и депозитите во странска валута (за 0,52 п.п. и 0,44 п.п., соодветно). Истовремено, каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула изнесува 1,90%, за разлика од претходниот месец кога банките и штедилниците не примиле депозити од овој вид. На годишна основа, оваа каматна стапка бележи раст од 0,92 п.п.