На редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка која се одржа вчера било одлучено каматната стапка да се задржи на историски најниското ниво од 1,5%, со што монетарната политика го задржа релаксираниот карактер.
“Намалувањето на основната каматна стапка во изминатата година, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици и неизвесност, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови”, велат од Народната банка.

Истовремено, на седницата било оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка измината година е соодветна, при што се одлучило на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

“Последно расположливите макроекономски показатели за бруто домашниот производ упатуваат на годишен пад на економијата во првите три квартали од годината од 5,9%, што е во согласност со очекувањата од последните проекции. Во однос на четвртиот квартал, последно расположливите податоци за економската активност посочуваат на поповолни движења во домашната економија во однос на претходниот квартал, во услови на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на ковид-19, како и постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба”, велат од Народната банка.

Податоците покажуваат натамошно забавување на годишниот пад во индустријата и прометот во вкупната трговија, додека кај градежништвото има забрзување на растот.
Единствено неповолни движења се забележуваат кај прометот во угостителството.

“Просeчната годишна стапка на инфлација за целата 2020 година изнесува 1,2%, што е во согласност со проектираната стапка според последната проекција. Во услови на ревизии кај надворешните влезни претпоставки во различни насоки, сѐ уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно со неизвесните економски ефекти од вториот бран на пандемијата на ковид-19 и нејзиното времетраење, како и појавата на мутација на корона-вирусот”, велат од Народната банка.

Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал којашто е подобра од очекуваната согласно со последните проекции. Од Народната банка информираат дека измината година е остварен раст на девизните резерви од околу 100 милиони евра, наспроти очекуваниот пад. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, последните податоци за менувачкиот пазар и за надворешнотрговската размена упатуваат на можност за остварувања кај приватните трансфери и кај трговскиот дефицит во рамките на очекувањата за последниот квартал.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци заклучно со декември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, повисок од проектираниот за депозитите, а кај кредитите остварувањата се главно во рамките на очекувањата согласно со проекцијата.

“Во периодот од последната, декемвриска, седница на Комитетот наваму, велат од Народната банка, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута забележа позначителен пораст, условен главно од остварувањето на дел од четвртиот пакет мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19.

Во декември, започнувањето на процесот на вакцинирање против корона-вирусот во повеќе земји, постигнувањето на договорот за Брегзит помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ и очекувањата за натамошна поддршка на економскиот раст од носителите на политиките создадоа оптимистички согледувања кај инвеститорите околу перспективите за економското закрепнување на глобално ниво.