Неодамнешниот пораст на случаи на заразени со „Ковид-19“ во Југоисточна Азија ги зафати пристаништата и ги затвори плантажите и преработувачите, предизвикувајќи продолжени нарушувања во снабдувањата со суровините како што се палминото масло, кафето и калајот.

Карантините во Малезија, вториот по големина светски производител на палмино масло, ги спречија работниците да патуваат на плантажите, зголемувајќи ги цените на маслото кое наоѓа широка примена прерхранбената и козметичката индустрија и во производството на биогориво.

Карантините во Виетнам, вториот по големина светски извозник на кафе, ја одложија преработката и извозот на зрната кафе, зголемувајќи ја загриженоста за производството предизвикана од лошите временски услови во Бразил.
Глобалното снабдување со калај исто така беше погодено од прекините во топилница во Малезија, придонесувајќи за повисоки цени за индустрискиот метал, кој се користи за поврзување на компјутерски чипови со плочки во електроника.
Цените за секоја од овие стоки се зголемија на највисоко ниво во последните неколку месеци, зголемувајќи ги трошоците за производство.

„Овие шокови на снабдување одекнуваат глобално затоа што Виетнам и Малезија имаат голем удел на пазарот во клучните производи“, рече Трин Нгуен, виш економист во „Натиксис“.

Бизнисите вклучително и Unilever PLC, компанијата за производи за широка потрошувачка велат дека зголемувањето на цените на суровините придонесуваат за притисоци врз трошоците.
„Цената на палминото масло, клучна состојка за нашите производи за чистење на кожата, сега е 70% повисока од неговиот долгорочен просек, со зголемена побарувачка и пониски приноси за жетва што ја зголемуваат цената“, рече Грејм Питкели, главен финансиски директор на Унилевер, додавајќи дека компанијата веќе ги зголемила цените за некои производи.